Новости
петок, 09 мај 2014 14:51
Годинава по втор пат Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија д-р. Фатмир Бесими беше домаќин на “ЕУ Појадокот“, одржан во Клуб на пратеници, организиран во чест на прославувањето на 9 мај - Денот на Европа, ден кога ги славиме мирот, безбедноста и стабилноста како симболи на Европската унија.
На појадокот гости беа дипломатскиот Кор во државата, министерот Поповски, вицепремиерот Џафери и поранешните вицепремиери за европски прашања. Воведно обраќање имаа вицепремиерот Бесими и евроамбасадорот Орав.
На почетокот на своето обраќање вицепремиерот Бесими оддаде почит кон жртвите од војните во поранешна Југославија, Балканскиот полуостров, Европа и светот.
Цитирајки го Шуман тој додаде „Светскиот мир не може да се сочува без правење на креативни напори пропорционални на опасностите кои го загрозуваат.“ Потребата од „пропорционални креативни напори“ за донесување на мир и стабилност одекнува и 64 години подоцна.
Навраќајќи се кон европските вредности кои се слават денес, мораме заедно да ги надминеме препреките кои го попречуваат патот на мојата земја кон полноправно членство во Европската унија и НАТО, наоѓајќи решенија кои ќе обединат наместо да поделат; кои поддржуваат учество наместо поделба и кои поттикнуваат вклучување наместо исклучување - истакна Бесими.
На крајот уште еднаш упати честитки до Европската унија, за креирањето на мирна, демократска и просперитетна Европа, изградена на принципот на солидарност.
На свеченоста вицепремиерот Бесими како дел од проектот Младите за Европа им врачи Благодарници “Еден ден за Европа“ на студентите и средношколците од Факултетот за музичка уметност – Скопје, Факултетот за уметност – Тетово и Средниот музичко-балетски центар Илија Николовски Луј – Скопје, како резултат на остварената соработка и збогатување на настанот преку звуците на нивните квартети.
Вицепремиерот Бесими во знак на прославувањето на Денот на Европа, денес присуствуваше на Свечената Академија организирана од страна на Државниот Тетовски Универзитет во 11:00 часот, како и на Хепенингот кој се одржа во 12:00 часот на Плоштад Јадран во Скопје.