Новости
четврток, 20 февруари 2014 12:01
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денес оствари средба со Заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Грција и претседавач со Советот за општи работи на Европската унија Н.Е г. Евангелос Венизелос.
Бесими му посака добредојде на Вeнизелос оценувајќи ја посетата како одлична можност да разговараат за евроинтеграциите и зајакнување на соработката. Од страна на Вeнизелос беа презентирани приоритетите на грчкото претседавање со Советот на ЕУ. Притоа, Бесими му посака успешна реализација на зацртаните приоритети и потенцира дека тоа е важно и за Македонија имајќи предвид дека полноправното членство во Европската Унија претставува стратешки приоритет за Република Македонија.
Исто така, Бесими укажа на потребата и значењето на забрзување на процесот на европска интеграција на Република Македонија и на земјите од Западен Балкан, во рамките на позитивниот дух на Солунскиот Самит 2003 и Стратегијата за проширување на ЕУ за Западен Балкан 2013-14. На состанокот се дискутираше степенот на реализација на декемвриските заклучоци на Советот на ЕУ. Во таа насока, Бесими укажа на значењето на Политичкиот дијалог на високо ниво – ПДВН, како и заложбите кои ги превзема Владата на Република Македонија од аспект на реформите и унапредувањето на добрососедските односи во однос на отворените прашања со цел започнување на преговорите со ЕУ и забрзување на евроинтеграциите.
Во поглед на ПДВН, Бесими истакна дека Република Македонија прави напори, и понатаму ќе продолжи со активностите за постигнување на резултати за да обезбеди одредена динамика и континуитет во демократскиот развој, со што очекуваме зголемена доверба кај земјите членки. Меѓу позначајните реформи од изминатиот период тој ги истакна: напредокот во однос на законодавната рамка за медиуми и унапредувањето на дијалогот со новинарите, консензуалното донесување на измените на изборниот законик, донесените закони во делот на реформа на јавната администрација, активностите за намалување на невработеноста со посебен фокус на младата популација. Тој информираше и за имплементацијата на Охридскиот Рамковен Договор како и значењето на одржување на добрите меѓуетнички односи. Бесими информираше и за усвојувањето на Предпристапната економска програма за периодот 2014-2016, како и за плановите за подготовка на национален документ за конкурентност.
Меѓу другото тој истакна дека очекуваме со натамошни заложби да преминеме во непречено отворање на втора фаза на Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација со цел понатамошно унапредување на економијата на Република Македонија и постигнување на целосна асоцијација.
На состанокот се разговараше и за продлабочувањето на економската соработка, каде што Република Грција беше истакната како еден од нашите најзначајни трговски партнери и еден од најголемите странски инвеститори во Република Македонија. Исто така, се потенцира и позитивното искуство кое го имаат двете земји од досегашната соработка во рамките на ЕУ Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
Во периодот 1996-2006г. пред оформување на Инструментот ИПА, соработката во областа на ЕУ-помошта, помеѓу Република Македонија и Република Грција, главно се сведуваше на проектите од програмата PHARE и програмата CARDS во вкупна вредност од приближно 50 милиони евра. По ова, во 2007 година, со оформувањето на Инструментот ИПА, оваа соработка успешно продолжи во вид на ИПА Програмата за прекугранична соработка Македонија – Грција 2007-2013.
Во рамките на оваа плодна и успешна Програма, која е најквалитетна (според резултатите и според квалитетот на проектите) од сите вакви билатерални ИПА-СВС Програми за прекугранична соработка во кои Р.Македонија учествува,Вицепремиерот Бесими истакна дека досега се објавени Три Повици за проектни предлози, во кои досега се одобрени за финансирање вкупно 38 проекти, во вкупна вредност од 7,23 мил.Евра ЕУ средства, за кои веќе се склучени договори за грант, а некои се веќе и целосно имплементирани. Во тек е евалуацијата на Третиот Повик, по која (во текот на вториот квартал на оваа година) ќе дојде до потпишување на понатамошни договори за грант, со што се очекува овој износ да порасне до близу 9,5 мил.Евра.
На средбата се разговараше и за интензивирање на соработката во областа на прекуграничната соработка, но исто така и изнаоѓање на иновативни начини на соработка во претстојните структурни фондови.