Новости
петок, 31 јануари 2014 12:57
Согласно воспоставената пракса, а во насока на зајакнување на консултативниот процес со граѓанскиот сектор по однос на креирањето политики поврзани со процесот на европска интеграција, Секретаријатот за европски прашања денес, 31 јануари 2014 година, организираше дебата за Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, ревизија 2014.
Заменик претседателот на Владата задолжен за eвропски прашања, д-р Фатмир Бесими истакна дека во активностите за усогласување на законодавството и исполнување на приоритетите од европската агенда треба активно да се вклучат сите субјекти во државата со што ќе се обезбеди поголема инклузивност и транспарентност на процесот.
Претставниците на граѓанскиот сектор ја поздравија иницијативата за консултација и нивно поактивно вклучување и посочија на потребата од воспоставување на систематизиран начин на консултација и соработка.
Вицепремиерот Бесими нагласи дека Секретаријатот за европски прашања е отворен за понатамошно продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор во поодделните поглавја од европското законодавство и воспоставување на механизми кои ќе овозможат постојан дијалог за процесот на усогласување.
Во таа насока, невладиниот сектор беше повикан да достави конкретни препораки и предлози за натамошна надградба на програмата во областите од нивен интерес.