Новости
петок, 18 октомври 2013 15:48
Државниот секретар за европски прашања, г. Јован Андоновски, по повод десет години од постоењето на Словачката помош, учествуваше на Меѓународна конференција „Визија за развојната соработка за светот кој се менува“, која се одржа на 16 и 17 октомври во Братислава.
Целта на Конференцијата беше насочена кон изнаоѓање на иновативни идеи и нови перспективи и видувања за словачката развојна агенда, со нагласок кон предизвиците и можностите за Словачкото претседателство со Советот на ЕУ во 2016г.
На Конференцијата свое воведно обраќање имаше Н.Е. Мирослав Лајчак, Вицепремиер и Министер за надворешни и европски работи на Словачката Република, како и Н.Е. Андрис Пибалгс , еврокомесар за развој.
Во рамки на Конференцијата, на панел-дискусијата „Словачка и Западен Балкан: Споделување на транзициското искуство“, Секретарот Андоновски имаше свое излагање, во рамките на кое го истакна значењето, искуството и очекувањата од билатералната соработка со Словачката Република.
Во своето обраќање, истакна дека од особено значење за нашата држава во овој период покрај финансиската помош од државите партнери, претставуваат научените лекции од државите членки на ЕУ, стекнати во пристапниот и пост- пристапниот процес на интегрирање во ЕУ. Во таа насока, тој истакна особена благодарност до Словачките власти за подршката која ни ја даваат, која е од особено значење заради сличноста на проблемите, предизвиците со кои се соочуваме, како и високиот степен на применливост на решенијата кои се носат во насока на креирање на функционална демократија и пазарна економија, како последица на транзицискиот период.
На маргините на Конференцијата, Државниот секретар Андоновски оствари средба со Питер Буриан, Државен секретар во Министерството за надворешни и европски работи на Словачката Република.