Новости
понеделник, 11 март 2013 06:31
Моменталната политичка состојба во Република Македонија го предизвикува и исполнувањето на еден од Копенхашките критериуми што се однесува на зрелоста на политичките институции, а тоа е исклучително важно за напредок во евроинтеграциите. Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, е пораката што заменик-претседателот на македонската Влада задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими денеска ја доби од еврокомесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе.
Вицепремиерот Бесими ја потврди пораката од Филе во неговата изјава за МИА по средбата со комесарот што се одржа во зградата „Берлемонт“ на Европската комисија во Брисел.
Пораката на Филе е јасна и неговиот став е искажан вчера од страна на канцеларијата на ЕУ во Скопје. Комесарот пренесе дека моменталната политичка состојба во Република Македонија предизвикува и исполнување на еден од Копенхашките критериуми, посебно во однос на зрелоста на политичките институции, што е исклучително важно за напредок во евроинтеграциите. Тоа што останува е ние да останеме посветени на реформската агенда и сите политички актери во Република Македонија да се фокусираат на државниот интерес и интересот на граѓаните, а тоа е Македонија да напредува на патеката на европската интеграција, истакна Бесими по средбата со првиот човек за проширување на Унијата.
Својата прва официјална посета на Брисел, Бесими ја започна со средба со известувачот за Република Македонија од Европскиот парламент Ричард Ховит. На почетокот на средбата, Ховит му најави на македонскиот вицепремиер дека утре ќе го посети Скопје со цел да влијае на решавање на политичката криза што ја наметна СДСМ.
Потоа, македонскиот вицепремиер се сретна и со Александра Кас-Грање, која е задолжена за Б-одделението во кое се наоѓа и Македонија во Европската комисија, како и со известувачот во сенка од Европарламентот, Едвард Кукан.
Денешната посета на Брисел и средбата со комесарот Филе, со Ховит и останатите е прва моја посета од позицијата вицепремиер за евроинтеграции. Јас сакав денеска уште еднаш да ја соопштам својата лична заложба и заложбата на Владата на Република Македонија за натамошно продолжување со евроатлантските интеграции и на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД).
Со моите соговорници разговаравме за прегледот за постигнатиот прогрес во приоритетите од ХЛАД-от и добрососедските односи, што е според заклучоците на Европскиот совет. При моите средби со овие високи претставници на ЕУ, се укажа на значењето за прогресот и надминување на сите предизвици за актуелната политичка состојба во Република Македонија со тоа што на прво место треба да се стави интересот на граѓаните и на земјата во однос на евро-атлантската перспектива, посочи вицепремиерот Бесими.
За тоа дали освен Ховит, можеби и комесарот Филе ќе дојде деновиве во Скопје, Бесими дециден дека тоа не било споменато во разговорот.
Инаку, македoнскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции вечерва се враќа во Скопје, но според најавите тој повторно ќе дојде во Брисел веќе в петок каде ќе има неколку билатерални средби, од кои единствено уште сега е познато дека ќе има состанок со првиот човек на Директоратот за проширување на Европската унија, Стефано Санино.