Новости
четврток, 26 септември 2013 16:23
На иницијатива на Секретаријатот за европски прашања, денес во просториите на Владата на Република Македонија се одржа воведен состанок со претставници на граѓанскиот сектор во врска со програмирањето на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) 2014-2020.
На настанот беа поканети претставници на граѓанскиот сектор, со цел нивно пошироко вклучување во сите фази на поставување на новиот Инструмент за претпристапна помош.
На присутните им се обрати заменикот претседател на Владата, д-р Фатмир Бесими, претставник на Генералниот Секретаријат на Владата, како и претставник на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
„Вашето присуство денес, во просториите на Владата на Република Македонија, претставува уште еден сигнал дека Владата го цени и го почитува придонесот на граѓанскиот сектор во севкупниот развој на општество, доброто владеење и демократските процеси, целта ни е преку инклузивност и транспарентност да дадеме заеднички придонес кон предложување на нови корисни проекти, за кои Европската Унија ќе обезбеди средства за финансирање“, истакна Бесими.