Новости
среда, 25 септември 2013 08:53
Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денеска оствари средба со г-дин Либор Ручек и г-дин Тонино Пикула, европарламентарци на Социјал-демократската алијанса на Европскиот парламент.
На средбата вицепремиерот Бесими се осврна на статусот на реализација на активностите поврзани со процесот на европска интеграција при што акцент беше ставен на обврските кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво, односно реформите кои се остварени во делот на слобода на изразување, владеење на право, изборната реформа, реформата на јавна администрација, како и натамошното исполнување на економските критериуми.
На средбата се информираше и за заклучоците и препораките од Извештајот кој го усвои ад хок Комисијата за настаните од 24 Декември, како и за потпишаниот Меморандум за поддршка на членството на Република Македонија во Европската Унија, кој го потпишаа политичките партии, а кои како обврска произлегуваат од Договорот од 1 Март.
Вицепремиерот Бесими ги информираше eвропарламентарците и за напорите кои Република Македонија ги презема во однос на натамошното унапредување на добро-соседските односи и регионалната соработка, како и во однос на надминување на спорот со името со Република Грција.
„Имајќи ги предвид резултатите постигнати во изминатиот период и силната посветеност на Република Македонија во спроведување на реформите очекуваме напредокот соодветно да биде забележан во есенскиот Извештај на Европската комисија и Република Македонија да го добие долго очекуваниот датум за отпочнување на преговорите со Европската унија, со цел одржување и зголемување на подршката од граѓаните за евроинтеграцијата на државата. Покрај тоа, се надеваме дека Европскиот парламент ќе го одобри извештајот и воедно, ќе го повтори својот став за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија“, посочи Бесими.
Европратеникот Либор Ручек истакна дека од особено значење за државата е имање на консензус меѓу политичките страни за клучните прашања од државен интерес.