Новости
четврток, 19 септември 2013 15:58
Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денеска престојува во посета на Република Италија каде оствари средба со министерот за европски прашања Ензо Моаверо Миланеси и заменик претседателот на Собранието на Република Италија г-ѓа Марина Серени.
Вицепремиерот Бесими се осврна на статусот на реализација на активностите поврзани со процесот на европска интеграција при што акцентот беше ставен на обврските кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво.
При тоа Бесими истакна дека во изминатиот период се покажани значајни резултати во различни области во активностите за реформи во поглед на остварувањата на обврските кои произлегуваат од Пристапниот Дијалог на Високо Ниво.
Вицепремиерот Бесими информираше и за заклучоците и препораките од Извештајот кој го усвои ад хок Комисијата за настаните од 24 Декември, како и за потпишаниот Меморандум за поддршка на членството на Република Македонија во Европската Унија, кој го потпишаа политичките партии, а кои како обврска произлегуваат од Договорот од 1 Март.
На средбата стана збор и за меѓусебната соработка и областите во кои Македонија може да го искористи италијанското искуство во делот на европската интеграција.
„Имајќи ги предвид резултатите постигнати во изминатиот период очекуваме, напредокот соодветно да биде забележан во есенскиот Извештај на Европската комисија. Покрај тоа, земјата ќе продолжи и со унапредување на односите со земјите од соседството и регионот при што фокусот останува на решавање на отворените билатерални прашања. Убеден сум дека Италија како искрен пријател на нашата земја ќе продолжи да ја поддржува европската интеграција на Македонија“, посочи Бесими.