Новости
вторник, 27 август 2013 14:04
Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денеска оствари средба со проф. Борче Давитковски, претседател на ад хок Комисијата за настаните од 24 Декември.
За време на средбата се разговараше за активностите на Комисијата, при што професорот Давитковски го информираше и му ги предаде на Бесими заклучоците и препораките од Извештајот кој го усвои Комисијата, а со кои се предлагаат конкретни мерки и активности кои треба да се реализираат од домашните институции. Препораките, меѓу другото се однесуваат и потребата од усогласување на одредбите помеѓу Законот за Собранието и Деловникот за работа на Собранието, предвидување одредби во Деловникот со кои ќе се уреди начинот на работа на координацијата на пратеничките групи, ревидирање на одредбите од Деловникот кои се однесуваат на постапката за донесување на буџетот, подготовка и усвојување на етички кодекс, зајакнување на улогата и на анкетните комисии и овозможување услови за непречено работење на новинарите кои ја следат работата на Собранието.
Соговорниците се согласија дека усвојувањето на Извештајот со консензус претставува позитивен чекор и доказ за спремноста на двете страни да ја поддржат неговата имплементација.
Вицепремиерот Бесими смета дека усвојувањето на Извештајот ќе биде соодветно нотирано и во есенскиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, и дека ќе придонесе за понатамошен напредок во процесот на европска интеграција.
Тој го поздрави постигнатиот договор, при што истакна дека имплементацијата на заеднички договорените препораки ќе претставува важен приоритет во наредниот период. Дополнително, Бесими потенцираше дека сите надлежни институции треба максимално да се фокусираат на спроведување на реформските процеси со цел навремено и ефикасно да се реализираат обврските кои произлегуваат од Пристапниот договор на високо ниво.
Во однос на европската перспектива на земјата, вицепремиерот Бесими истакна дека е важно да се продолжи и со унапредување на односите со земјите од соседството и регионот при што фокусот треба да се стави на решавање на отворените билатерални прашања.