Новости
четврток, 20 јуни 2013 12:04
Денеска заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими престојува на работна посета на Брисел во рамки на која се обрати на Конференцијата за слободата на изразување и медиумите во Западен Балкан и Турција: Напредок и отворени прашања.
Конференцијата е посветена на еден од главните приоритети и суштински предизвици на секоја земја, а тоа е слободата на изразување и медиумите кој претставува еден од клучните елементи на секоја демократска и плуралистичка држава. Посветеноста на земјите од процесот за проширување да го гарантираат ова право е клучна за нивниот напредок во процесот на пристапување.
Во свoето обраќање, вицепремиeрот Бесими се осврна на прогресот на Република Македонија остварен во спроведувањето на активностите од европската агенда. Во таа насока, Бесими истакна дека Пристапниот дијалог овозможи де се добие нова динамика во остварувањето на реформите во петте клучни области и дека постигнатиот напредок беше соодветно нотиран во пролетниот Извештај на Европската комисија.
Воедно, вицепремиерот се осврна на активностите преземени за адресирање на една од клучните приоритети од Пристапниот дијалог на високо ниво, слободата на изразување и медиумите. Во тој контекст, Бесими го подвлече како особено значајно донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета како и подготовката на Нацрт-законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги кој што е во тек. При тоа посочи дека особено е значајно што овие процеси се одвиваат на транспарентен и инклузивен начин преку дијалог со претставниците на медиумите и нивен активен придонес во подготовката на законските решенија.
„Ние и понатаму остануваме посветени на исполнувањето на преземените обврски во евроинтегративниот процес особено во делот на слободата на изразување и медиумите. Ќе продолжиме со максимален ангажман да се унапреди дијалогот со новинарите и медиумите со цел на постигнување на Европските стандарди и почитување уставните одредби за гарантирање за слобода на изразување” рече Бесими.
На конференцијата присуствуваа околу 450 учесници од меѓународни, регионални и национални организации од областа на слободата на изразување, како и новинари, медиумски аналитичари и носители на одлуки од земјите кои се дело од процесот на проширување со цел да се дискутира за постигнувањата, отворените прашања и активностите во наредниот период.