Новости
петок, 14 јуни 2013 16:31
Во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, од денес престојува во работна посета на Ирска и оствари средби со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Ирска Еамон Гилмор и со министерот за европски прашања Лусинда Крејтон.
За време на средбите, вицепремиерот Бесими го презентираше статусот со имплементацијата на активностите поврзани со европските реформи како и мерките кои се реализирани за исполнување на целите опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво.
Воедно, Бесими истакна дека членството на Република Македонија во ЕУ останува главен стратешки приоритет на земјата и дека Владата останува посветена на исполнување на сите преземени обврски кои се дел од процесот на европска интеграција. При тоа тој посочи дека постигнатиот напредок беше позитивно оценет и во пролетниот Извештај на Европската комисија.
Покрај тоа, вицепремиерот Бесими се заблагодари за континуираната поддршка на Ирска за членството на РМ во ЕУ. Тој посочи дека Македонија очекува на Самитот на ЕУ да се разгледа извештајот за прогресот на Република Македонија и да се даваат соодветни заклучоци.
Соговорниците истакнаа дека Ирска, го поддржува членството на Македонија во ЕУ и посочија дека е важно тој процес да се забрза, да се најде решение за отворените прашања со соседите.
За време на посетата во Даблин, вицепремиерот Бесими имаше обраќање во Институтот за Европски и Меѓународни прашања, на тема “ЕУ интеграции на земјите на Западен Балкан – предизвици и можности”, во присуство на дипломати од други земји како и академски личности.
Бесими во Даблин оствари средба и со Комисијата за Европски прашања при парламентот на Ирска.