Новости
вторник, 03 декември 2024 01:33
Денеска, во просториите на Министерството за европски прашања, се одржа четвртиот состанок на Управниот комитет на проектот СУПРАЕ, кој за прв пат беше воден од Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, заедно со претставници од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
Проектот е насочен кон четири главни компоненти:
Зајакнување на стратешкото планирање, известување и комуникација.
Воспоставување на стратешка, методолошка и оперативна рамка за процесот на пристапување.
Унапредување на програмирањето, користењето и проценката на ЕУ фондовите.
Подобрување на јавната комуникација и подигнување на јавната свест за процесот на пристапување.
Сите компоненти опфаќаат активности за организирање на обуки, регрутирање на нов кадар, дигитализација на одредени аспекти од процесот на преговори и подобрување на управувањето со ЕУ фондовите, со цел да се зголеми транспарентноста и разбирливоста на улогата на ЕУ кај пошироката јавност.
Министерот Муртезани ја истакна важноста на овој проект како значајна поддршка не само за Министерството за европски прашања, туку и за сите релевантни институции вклучени во евроинтегративниот процес. Тој упати благодарност за поддршката која Северна Македонија ја добива преку проектот СУПРАЕ за спроведување на реформските процеси и за зајакнување на административните капацитети на земјата.