Новости
среда, 06 ноември 2024 03:46
Заменик министерката за европски прашања, доцент д-р Викторија Трајков, денеска присуствуваше на трибина организирана од Фондацијата Конрад Аденауер на тема „Проширувањето и Западниот Балкан - Предизвици и можности“. Во својот говор пред учесниците доцент д-р Трајков истакна дека македонските граѓани, како и оние од останатите земји во Западен Балкан, неуморно бараат можности за достоинствен живот и европски перспективи, што често ги води кон миграција во земјите од ЕУ.
Доцент д-р Трајков додаде дека новата Влада на Република Северна Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е целосно посветена на спроведување на реформите.
„Додека се соочуваме со предизвиците на патот кон членството, неопходни се силни реформи особено во областите на владеење на правото, борбата против корупцијата и зајакнувањето на правосудниот систем. Политичката волја, поддршката од домашните институции и постојаните напори за подобрување на економските и социјалните услови се клучни за успешен пристапен процес, посочи доцент д-р Трајков на панел -дискусијата.
Придобивките од членството во ЕУ се значителни. Интеграцијата на Западниот Балкан во Европската унија ќе отвори врати за економски раст, зголемени инвестиции и подобра инфраструктурна поврзаност, што ќе придонесе за економски развој и отворање на нови работни места. Членството ќе донесе стабилност и мир за регионот. Пристапувањето ќе овозможи пристап до европските фондови и програми кои нудат финансиска и техничка поддршка за реализација на потребните реформи, што ќе биде од големо значење за економската и социјалната трансформација на земјите од регионот, потеницраше заменик министерката на трибината посветена на проширувањето и Западниот Балкан - Предизвици и можности.
Трибината заврши со заклучок дека проширувањето кон Западниот Балкан е сложен, но неопходен процес кој ќе придонесе за стабилна и просперитетна иднина на регионот во рамките на Европската унија. Со заеднички заложби и поддршка, земјите од Западен Балкан и ЕУ можат да изградат интегриран регион кој ќе биде дел од европското семејство.