Новости
среда, 05 јуни 2013 14:44
Во рамки на еднодневната посета на Француската Република, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денес се сретна со Пјер Селал, генерален секретар на Министерството за надворешни работи на Француската Република, Фабиен Пенон, од Кабинетот на Претседателот на Француската Република како и со Мишел Каза, директор за Европска Унија во француското Министерство за надворешни работи.
Вицепремиерот Бесими оствари одделни средби и со членовите на Сенатот Жоел Гарио-Мајлам, Жан Пјер Мишел, кој воедно е и претседател на Групата за пријателство на Сенатот на Франција - Западен Балкан.
За време на средбите се разговараше за најновиот статус со имплементацијата на активностите во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво како и останатите реформски процеси значајни за евроинтграцијата на Република Македонија.
Бесими посочи дека Пристапниот дијалог овозможи де се добие нова динамика во остварувањето на реформите во петте клучни области и дека постигнатиот напредок беше соодветно валоризиран во пролетниот Извештај на Европската комисија со што се потврди дека земјата ги исполнува условите за почеток на преговорите.
За време на средбите Франција уште еднаш го поздрави напредокот во исполнувањето на одредниците од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Се укажа на потребата за натамошни напори во врска со дијалогот со новинарите, имплементација политичкиот договор од 1-ви март и одржување на добри меѓуетничките односи. Исто така, акцент се стави дека унапредувањето на регионалната соработка и добрососедските односи се важни за натамошно приближување кон Унијата. Решавањето на спорот за името би имало големо значење во насока на отпочнување на преговори со Унијата, заради што ги повикува Македонија и Грција што побрзо да изнајдат заемно прифатливо решение на прагматичен начин и преку компромис.
Покрај тоа, беше истакнато дека Македонија и Франција имаат одлична билатерална соработка која се потврдува и со поддршката која Македонија ја добива за интеграцијата во ЕУ.