Новости
вторник, 22 октомври 2024 12:35
Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија, Кристоф Ле Риголер.
Трајков ја истакна силната посветеност на Владата во однос на процесот на евроинтеграција на земјата, додавајќи дека земјата останува цврсто на стратешката определба за членство во Унијата.
Министерката Трајков го запозна амбасадорот Ле Риголер со владината програма во делот на доследно спроведување на политиките на Владата, во насока на целосна реализација на стратешката определба за полноправно членство во Европската Унија, како и целосна подготвеност за отпочнување и завршување на преговорите.
На средбата беше потврдена и посветеноста во процесот на зголемена ефикасност за користење на средствата од ИПА (ЕУ инструмент за претпристапна помош).
Целта е да имаме поголем процент на искористеност на ИПА фондовите, на добар пат сме, но секогаш можеме повеќе и подобро. Голем дел од тие проекти се важни, затоа фокусот е ставен на зајакнување на капацитетите за програмирање и користење на ИПА фондовите за уште поголеми придобивки за граѓаните, истакна заменик министерката Трајков на билатералната средба со францускиот амбасадот Ле Риголер.
Заменик министерката Трајков се заблагодари за добрата соработка со Франција, нагласувајќи ја поддршката што ја овозможува Франција во реализација на стратешките цели на земјава, особено преку програмите за билатерална соработка и развојни проекти, како на пример реализацијата на првиот проект на Француската агенција за развој вреден 50 милиони евра за поддршка на зелени и социјални инвестиции на мали и средни бизниси во партнерство со Развојната банка на Северна Македонија.
Трајков на амбасадорот Ле Риголер му посака успешна дипломатска работа во земјава и ја нагласи потребата од интензивирање на соработката меѓу двете земји.
На средбата беше потврдена безрезервна поддршка на Франција за отворање на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ.