Новости
петок, 18 октомври 2024 12:46
Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска ја завршува дводневната работна посета во Брисел, која резултираше со плодни средби и дискусии со бројни европски претставници, членови на организации и фондации.
За време на посетата пред европските бирократи, Трајков ги истакна забрзаните активности кои новата Влада ги презема за исполнување на условите за полноправно членство во ЕУ, но истовремено потенцираше дека како држава ќе продолжиме да ги браниме националните интереси.
Таа се заблагодари за поддршката на европските институции, но побара и поголема ангажираност на ЕУ, затоа што билатералниот спор со Бугарија не треба да биде причина за блокирање на преговорите за влез во ЕУ.
Трајков ја пренесе и загриженоста на македонските граѓани, кај кои расте евроскептицизмот, токму поради големите отстапки кои ги направи нашата држава во име на членството во Европската Унија и истакна дека час поскоро треба да се најде решение кое ќе го одблокира процесот за отпочнување преговори со ЕУ.
На средбата со Беатрис Гораванчи, новата директорка на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Брисел, Трајков се осврна на македонската европерспектива и предизвиците со кои се соочуваме, како и напредокот на државата во однос на Реформската агенда од Планот за раст.
Заменик министерката упати огромна благодарност за досегашната соработка со фондацијата која е на одлично ниво и е од особено значење за нас како земја.
„Заеднички се согласивме дека интензивирањето на соработката е клучно за напредокот на Северна Македонија во интегративните процеси, потенцираше Трајков, по завршување на состанокот.
Заменик министерка за европски прашања Викторија Трајков во Брисел оствари средба и со европратеникот Карло Реслер од Европската народна партија (ЕПП), кој истовремено е советник за политички и правни прашања на претседателот на хрватската Влада, а од неодамна е избран за копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет за соработка меѓу Северна Македонија и Европската Унија.
„Разговаравме за идните чекори во процесот на европска интеграција и зајакнување на регионалната соработка. Преку конструктивен дијалог на сите чинители ќе успееме да најдеме достоинствени решенија за предизвиците. Нашиот дијалог е важен за заедничките европски приоритети и напредокот на нашата земја кон Европската Унија, изјави Трајков.
На крајот од првиот работен ден во Брисел, Трајков се сретна со Дејвид Хадсон, експерт за политики за Западен Балкан и регионална стратегија во Европската Комисија, Андреј Феикс од Постојаната Мисија при ЕУ на Австрија во Брисел, Данијел Апостоловиќ, вонреден и ополномоштен амбасадор и шеф на мисија на Србија при ЕУ и Валентина Суперти, директорка на Директоратот за соседство и пристапни преговори со ЕУ.
„За Северна Македонија да успее внатре и требаат пријатели од надвор, ние ги имаме. Работиме посветено и неуморно кон нашата цел за исполнување на условите и спроведување на реформите кон членство на ЕУ, кажа Трајков.
Како нова Влада преземаме суштински мерки да ја приближиме државата кон европските стандарди и регулативи, затоа Северна Македонија заслужува што поскоро да биде дел од европското семејство- ова го пренесе заменик министерката за европски прашања на средбата со Марион Валсман од Европската народна партија
„Најдобар доказ за тоа е прифаќањето на Реформската агенда која што и даде на државата пристап до Планот за раст. Треба да се најде решение кое што ќе не одблокира од техничка гледна точка за да можеме да ги отпочнеме преговорите.”- рече ЗМЕП Трајков.
Трајков се заблагодари за големата поддршка што Валсман и ја дава на нашата држава и како член на Мешовитиот парламентарен комитет за соработка меѓу МK и ЕУ.
Дека подршката за Северна Македонија во Брисел се зголемува и како земја добиваме силна поддршка за продолжување на реформскиот процес кон ЕУ, беше кажано по средбата на Трајков со Берта Лопез Доменеч од Центарот за европски политики задолжена за политиката на проширување и Западен Балкан.
„Се заблагодарив за континуираната поддршка и одличната соработка која ја имаме со европските институции и честитав за стартот на преговори на нашиот сосед Албанија со Европската Унија, но истовремено упатив жалење што Северна Македoнија повторно остана надвор од европскиот пат и не ги продолжува преговорите за членство во ЕУ, кажа Трајков.
По средбата заменик министерката истакна дека ова ни дава дополнителен мотив да работиме забрзано и посветено.
На крајот од својата посета, заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков се сретна со Сигрид Бретел, Раководител на одделението за Северна Македонија и Албанија при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР) и Валентина Суперти, директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.
„Се заблагодарив за континуираната поддршка и одличната соработка која ја имаме со европските институции и честитав за стартот на преговори на нашиот сосед Албанија со Европската Унија, но истовремено упатив жалење што Северна Македoнија повторно остана надвор од европскиот пат и не ги продолжува преговорите за членство во ЕУ, кажа Трајков.
По средбата заменик министерката истакна дека ова ни дава дополнителен мотив да работиме забрзано и посветено.
„Северна Македонија нема време за чекање, не се откажуваме од нашата зацртана цел, продолжуваме по европскиот пат, затоа што македонските граѓаните заслужуваат подобра иднина, изјави Трајков по завршувањето на средбите во Брисел.