Новости
среда, 16 октомври 2024 05:53
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денес оствари средба со Давид Оберхубер, Регионален програмски директор при Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), на која се разговараше за тековниот статус на неколку клучни проекти кои се дел од германската развојна соработка. Во фокусот на разговорите беа билатералниот проект „Поддршка на преговарачките структури за интеграција во ЕУ на Северна Македонија“, како и регионалниот проект „Регионална соработка за ЕУ интеграција“.
Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната германска поддршка, нагласувајќи дека Германија и Северна Македонија негуваат силни стратешки билатерални односи, кои се карактеризираат со тесна политичка соработка, блиски економски врски и динамична културна размена. Тој укажа на значајната улога што германската развојна помош ја има години наназад во Северна Македонија, особено во клучните области на соработка како владеење на правото, економскиот развој и регионалната соработка, особено преку платформите како Берлинскиот процес.
Директорот Оберхубер ја реафирмираше посветеноста на GIZ за поддршката за европскиот пат на Северна Македонија, особено преку тековните билатерални и регионални проекти. Во тој контекст беше истакнат регионалниот проект кој има за цел да го поддржи ЕУ интегративниот процес на земјите од Западен Балкан. Соговорниците констатираа дека овој проект претставува вредна платформа за размена на искуства и научени лекции во процесот на пристапување кон ЕУ.
Муртезани и Оберхубер се согласија дека постоечките проекти се важни столбови за европската интеграција на Северна Македонија, и дополнително го потенцираа значењето на континуираната соработка помеѓу GIZ и Министерството за европски прашања.