Новости
понеделник, 30 септември 2024 12:00
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска оствари средба со амбасадорката на Хрватска во Северна Македонија, Нивес Тигањ, на која беа реафирмирани долгогодишното пријателство и блиските односи меѓу двете земји, како и разгледани идните можности за билатерална соработка. Двете страни го истакнаа значењето на продлабочувањето на партнерството, особено во рамките на евроинтегративниот процес на Северна Македонија во Европската Унија.
Муртезани и Тигањ ги разгледаа модалитетите за формализирање на продлабочена билатерална соработка, преку техничка и експертска помош, која ќе обезбеди структуриран и континуиран дијалог со хрватските институции, со оглед на успешното интегративно искуство на Хрватска како последна земја која членка на Европската Унија.
Во контекст на проширување на соработката, пристапувањето на Северна Македонија во INTERREG Adrion, INTERREG Euro-Med, URBACT IV и INTERREG Europe отвора нови можности за транс-регионална соработка. Овие програми нудат широк опсег на ангажирање на учесници од национални институции, невладини организации, бизнис секторот и образовните институции.