Новости
четврток, 25 јули 2024 02:15
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со амбасадорот на Република Австрија во Република Северна Македонија, Мартин Памер.
Главен фокус на разговорот беа билатералните односи и економска соработка, реформската агенда на Владата, имплементацијата на Планот за раст на Европската Комисија за Западен Балкан, како и актуелните случувања во земјата и регионот, во контекст на европските интеграции.
Муртезани ја нагласи исклучително важната улога на Австрија за регионот, имајќи ја предвид нејзината континуирана и гласна поддршка за политиката на проширување, што се рефлектира и преку бројните билатерални и мултилатерални иницијативи во кои учествува или ги предводи оваа земја-членка на ЕУ, како што се групата „Пријатели на Западен Балкан“, трилатералната иницијатива на Славков формaт, Централната европска група Ц-5.
Соговорниците го реафирмираа пријателството, високото ниво на економска и политичка соработка меѓу двете земји и ги разгледаа можностите за продлабочување на билатералната соработка преку Твининг и ТАИЕКС механизмите на ЕУ, како помош при остварувањето на главните стратешки приоритети на земјата.