Новости
понеделник, 15 јули 2024 09:24
Денес, Министерот за Европски прашања имаше воведно излагање на отворањето на Меѓународната балканска летна школа „Балканот и глобалната политика“, во просториите на Југоисточниот Европски Универзитет во Скопје.
Во своето излагање Министерот Муртезани ги поздрави присутните истакнувајќи дека уникатната позицијата на Балканот честопати го става во фокусот на значајните глобални случувања, па не случајно го опишуваат како срцето или крстосницата на Европа. Тој зборуваше за комплексноста на глобалните политички предизвици, и нејзино навигирање следејќи ја нашата евроинтегративна стратешка цел.
„Нашата цел да бидеме дел од европското семејство, не е само усогласување со стандардите на ЕУ, туку и активно применување на европските вредности, како столбови врз кои сакаме да ја градиме иднината на земјата и на регионот. Го гледаме Балканот како регион на меѓусебно поврзани иднини, каде соработката во инфраструктурата, дигиталните иновации и енергетските проекти може да создаде моќна синергија за регионален раст и стабилност“ – потенцираше Муртезани.
Меѓу другото министерот Муртезани во својот говор се осврна и на Планот за раст на ЕУ на Западен Балкан кој е во суштинска корелација со стратешките цели за квалитетно подобрување на социо-економскиот статус, односно видливо подигнување на животниот стандард на граѓаните.
Тој нагласи дека регионалната соработка е од суштинско значење, Западен Балкан само обединет може да го засили својот глас и влијание на меѓународната сцена, напорите за подобрување на инфраструктурата, подобрување на дигиталната поврзаност и обезбедување енергетска безбедност се од витално значење за одржливиот развој и регионалната кохезија.
На крајот на своето излагање министерот Муртезани им се заблагодари на организаторите, Фондацијата за балкански студии - Скопје и им посака успешна недела во оваа летна школа и убав престој во нашата држава.