Новости
недела, 04 февруари 2024 01:26
Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ утрово ја предводеше владино-државната делегација во чествувањето на 152-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, на официјалното одбележување во црквата Свети Спас.
„Денеска кога го одбележуваме раѓањето на Гоце Делчев, се сеќаваме на неговото големо дело како срцевина на македонската револуционерна и интелектуална борба која се бореше за македонска држава која е еднаква за сите.
Историските факти упатуваат на тоа дека неговото дело и активности станаа движечка сила на политичката идеја за независна Македонија, а Гоце Делчев стана неприкосновен идол на генерации Македонци кои се бореа за остварување на таа идеја.
Гоце Делчев, како апостол на македонската револуционерна борба, беше лидер кој застапуваше вредности кои имаа сила да ја обединат идејата за независна Македонија меѓу прогресивните македонски првенци кои делуваа во сите земји на Балканот и коишто се бореа за правото на македонското население да го оствари својот вековен сон за своја држава.
Делата на Делчев и останатите дејци се дел од балканската историја на споделеност и испреплетеност, како што е всушност и историјата на Европа, којашто ги прифати Македонците и македонската држава како дел од европското семејство.