Новости
вторник, 23 јануари 2024 02:30
Денес, во рамки на годишната владина конференција се одржа првата панел дискусија :"На патот кон ЕУ:Искористување на можностите за брза интеграција" каде што на оваа тема дискутираа Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за финансии Фатмир Бесими и претставникот на академската заедница Синиша Наумоски.
Воведот во дискусијата ја започна модераторката Ивана Вучкова, од фондацијата Фридрих Еберт Штифтунг со прашањата до панелистите за можностите кои се отвораат со Планот за раст и за економските придобивки при што Вицепремиерот Битиќи изјави:
„Со структурните промени во економијата започнавме уште во 2017 година, кога беше донесен Планот за економски раст, а со кој за првпат се изедначи поддршката на домашните и странските компании. Пред 2017 година не можеше да се пронајде ниту една домашна компанија која беше структурно поддржана од Владата. Тогаш започнавме со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој во своето портфолио денес има 919 компании, кои што работат во производство, кои се дел од вредносните ланци на различни сектори, кои инвестираат и стануваат поконкурентни. Сите овие компании за неполни шест години се поддржани со 100 милиони евра буџетски средства, за да инвестираат околу половина милијарда евра и создадат над 5.000 т.н. изворни работни места.
Втора системска работа која ја започнавме е креирање на визијата за наредните дваесет години. При крај сме со донесувањето на Националната развојна стратегија (НРС), која би требало овој месец да се одобри од страна на Владата, а потоа и од Собранието. После 27 години ќе имаме една чадор стратегија, која ќе даде јасна визија за нашата земја за наредните 20 години. Евроинтеграциските процеси се инкорпорирани во НРС, затоа што целта на евроинтегративните процеси ја имаме поставено до 2030 година, НРС оди многу подалеку. НРС зборува за шест стратешки области. Поттикнување одржлива, иновативна и конкурентна економија, обезбедување кохезивен локален и регионален развој, демографска ревитализација и социјално-културен напредок. Нашата заедничка мисија која преку НРС ќе ја имплементираме е да изградиме флексибилно општество засновано на принципите на владеење на правото и добро владеење. Нашата посветеност опфаќа и залагање за зелени трансформации, трасирајќи ја патеката кон чиста, здрава и енергетски одржлива држава.“
Во продолжение на дискусијата на прашањето како дојде до реализација на Планот за раст, се обрати Вицепремиерот Маричиќ:
„Можеме без задршка да си честитаме, 15 месеци скрининг процес кој ни даде реална слика, во тој гломазен процес учествуваа речиси 1000 луѓе, 800 реализирани извештаи, интензивна работа на администрацијата која професионално ја одработи и беше на ниво на задачата.
Со успешното реализирање на првата фаза од преговорите, и патоказите кои се веќе испратени до Европската Комисија, Македонската европска машина е вклучена, од нас зависи дали оваа година, таа машина ќе продолжи да работи и да стаса до 2030 во ЕУ.
Со Планот за раст Европската Унија дава нов импулс за земјите кандидати, тој план сме го барале веќе подолго време и претставува клучна стратегија за развој на регионот и забрзаното пристапување на државата кон ЕУ.
Целта на Европската Комисија е да подаде рака на нашиот регион и на државата, да се подобри комуникацијата и да нема дилеми дали нашата држава припаѓа во унијата.
Јас сум сигурен дека Планот за раст ќе почне скоро да се реализира.
Го имаме исцртано патот, треба да го изодиме. Европскиот пат е достижен и не така далечен како некогаш. Важно ни е да ги собереме сите сили во општеството, сите политички структури, администрацијата, научните институции, граѓанските организации да се вклучат во овој реформски процес.
Наша битка е 2030, кога ќе се примаат нови членки во унијата, Северна Македонија не да биде во публиката туку на бината.“
На темата за економските придобивки од членството во ЕУ се обрати и министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Членството во ЕУ е клучниот фактор за нашата просперитетна иднина и за економски раст и таа можност не треба да се пропушти. Ако направиме споредба со земјите кои станале економско чудо, дали се на Далечниот, Блискиот Исток, во Европа или се дел од ЕУ, заеднички именител на сите меѓу другото е тоа каков пазар имате обезбедено, човечкиот капитал и обрзованието, инвестициите и добрата деловна клима и владеење на правото. Нашето економско чудо не може да се случи без членството во ЕУ и тоа ќе го доживееме во моментот кога ќе станеме членка на ЕУ. Тоа е така бидејќи економијата функционира на тој начин. Односно ќе ги имате трите основни компоненети: 1) човечкиот капитал, науката и технологијата, 2) инвестициите, инфраструктура, зелена и дигитална трамсфорацика, и 3) јаки институции и владеење на правото. Остануваат уште две компоненти за раст а тоа е 4) општествен консензус за клучните теми што основата на клучните реформи и 5) членството во ЕУ, како перспектива со нови можности“, рече министерот Бесими на панел дискусијата.