Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес гостуваше во СТУДИО 10 на ТВ 24. За почеток Вицепремиерот се осврна со реакција кон говорот на омраза кој владее на социјалните медиуми.
,,Трагедиите треба да не сплотат како општество. Не можеме се во ова општество да политизираме и партизираме. Нашите социјални медиуми изобилуваат со клетви и пораки со омраза. Мислам дека во одредена точка треба да се реагира институционално оти целта на говорот на омраза е насилство, општествени немири или нечие уништување."
- Не е нормално да ги дехуманизирате политичките противници и да им посакувате смрт, вели Маричиќ.
Во однос на прашањето до каде сме со евроинтеграцијата, Маричиќ истакна дека треба да ги земеме во предвид советите од амбасадорите, но дека треба и амбасадорите да ги земат во предвид околностите и нашите ставови.
- Ние треба да се навикнуваме дека во текот на евроинтеграцискиот процес секоја земја може да излезе со свои забелешки. Засега направивме се што можеше што не е поврзано со уставните измени. Таа ќе биде на масата затоа што е запишана во преговарачките услови. Во меѓувреме Молдавија и Украина ќе го поминат скринингот и ќе стасаат до фазата во која се наоѓаме ние, вели Маричиќ.
"Ние сме во фаза кога ни е потребна поддршка за европските интеграции".
"Многу е важно да добиеме поддршка. Свесни сме за недостатоците. Кои убеден сум дека ќе ги надминеме, впрочем периодот што следи ќе се фокусира на надминување на предизвиците во текот на преговарачкиот процес. Сечија улога треба да биде разгледана, и сечие учество во проблемите - истакна Маричиќ
Колку и да сакаме, вели Маричиќ, не можеме да се вратиме на патот на европски интеграции, прашањата мора да се решаваат, а оние кои не беа решени во овие два мандата главно не беа решени поради објективни прашања.
Маричиќ понатаму додаде дека со решавањето на некои многу крупни прашања како проблемот со Грција, влегувањето во НАТО, и нашиот пат кон ЕУ, може да се забележи дека Северна Македонија е подемократска држава од која било друга во регионот. Понатаму, вицепремиерот Маричиќ за идниот мандат вети борба против организираниот криминал и корупцијата, спроведување на политиките на време и институционално зајакнување.