Новости
понеделник, 01 јануари 2024 11:29
Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ заедно со заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, положи цвеќе на вечното почивалиште на Киро Глигоров на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Глигоров е еден од најистакнатите градители на современото македонско општество, чувар на мирот, доследен и успешен следбеник на македонските дејци за независна и признаена држава.
Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите Нации кога Република Македонија стана 181. членка на ООН.
Киро Глигоров учествуваше во меѓународното признавање и афирмација на државата и ги постави темелните принципи за членство на денешна Северна Македонија во најмоќната воено безбедносна алијанса во светот НАТО и за прифаќање на државата за членка на Европската Унија.
Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.