Новости
четврток, 21 декември 2023 02:58
Преку отворени консултации со граѓанските организации ќе обезбедиме квалитетни патокази за Владеење на правото, Реформа во јавната администрација, како и Реформска агенда од која ќе обезбедиме максимално искористување на средствата од Планот за раст за Западен Балкан.
Секретаријатот за европски прашања, како институција која го води и координира процесот на преговори за членство во ЕУ, во јуни годинава започна со подготовка на овие стратешки документи, преку континуирани средби и консултации со граѓанскиот сектор, академската заедница и економските комори.
Ова го правиме за да обезбедиме што поголем квалитет и општествена инклузивност во преговорите за членство во ЕУ.
Граѓанскиот сектор поседува голем потенцијал од аспект на експертиза во одредени области, а нивното директно вклучување во процесот е исклучително важно.
Имајќи ја предвид динамиката и роковите за подготовка и доставување на патоказите до Европската комисија, побаравме од претставниците на граѓанскиот сектор да достават свој придонес и коментари за изработка на конечната верзија на патоказите и Реформската агенда.
Сакам да им се заблагодарам на сите претставници на граѓанските организации за нивната досегашна работа и придонес. Членството во ЕУ е сеопфатна општествена операција и посветеноста на секој од нас е задолжителна за да се постигне полноправно членство во Унијата до 2030 година.