Новости
среда, 08 ноември 2023 05:02
Денес во Владата, шефот на делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир го врачи Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2023 година на Заменикот претседател на Владата на Република Северна Македонија Бојан Маричиќ.
На состанокот се дискутираше за Извештајот, планирањето на следните чекори за реализирање на стратешката цел за приклучување кон ЕУ, планот за раст и реформскиот план за Северна Македонија и Западен Балкан.
Вицепремиерот Маричиќ се заблагодари на амбасадорот Гир и Европската Унија за будното следење и излегување во пресрет на нашите барања, по што следува детална анализа за извештајот од страна на Владата и заложување за продолжување на процесот и успешна реализација на заедничките планови.
На средбата беше посветено посебно внимание на следните чекори за Планот за раст (на економиите) на Западниот Балкан со заклучок дека извештајот на Европската комисија за нашата земја е рефлексија на нашата секојдневна борба за унапредување на општеството.
- Планот за раст е резултат на наше барање, со што можеме да користиме привилегии и можности од зачленувањето во ЕУ пред време, односно додека траат преговорите.
ЕУ со конкретен план подготвува 6 милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1 милијарда евра може да ги искористи Северна Македонија. Со Планот за раст се овозможува пристап до европскиот заеднички пазар, што ќе значи силен економски напредок. Тоа значи дека нашите производи и услуги може да се пласираат на „Единствениот Европски пазар“ информираат од Секретаријатот за европски прашања.
„Владата и администрацијата мобилизираа значајни ресурси и активно учествуваа во скрининг процесот“. Ова не значи дека сме ја завршиле работата. Напротив, скрининг процесот ни ја дава основата за дефинирање на идните реформски приоритети од ЕУ агендата, кои треба да се спроведуваат и за кои неминовно е потребен широк општествен консензус. Во таа насока работиме на подготовка на патоказите за владеење на право, реформите во администрацијата и функционирањето на демократските институции.
Следејќи го Планот за раст можеме да се фокусираме на реформите со кои ќе обезбедиме повеќе инвестиции и поголем прогрес на земјата.
На средбата присуствуваа, Министерот за надворешни работи Бујар Османи, државната секретарка на Секретаријатот за Европски прашања Дрита Абдиу Халили и заменикот шеф на делегацијата на ЕУ Бен Нупнау.