Новости
четврток, 19 октомври 2023 07:44
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска учествуваше на дијалогот за политиката на високи ниво на Школото за транснационално владеење (ЕУИ), на тема: „Отворената стратешка автономија на ЕУ и Западен Балкан“, покана на Европскиот институт од Фиренца.
Во своето воведно обраќање вицепремиерот Маричиќ рече дека за земјите кандидатки временската рамка за членство во ЕУ значи дека има шанса и план за тие кои ќе бидат спремни да станат членки на ЕУ и дека тоа ќе го врати кредибилитетот на политиката на проширување.
- 2030 како датум за европска перспектива на регионот со конкретен план треба да ни биде мотив и движечка сила за промени, шанса која треба да ја искористиме, рече Маричиќ потенцирајќи дека тоа е клучот да се врати довербата и популарноста за идејата на ЕУ, а не само за процесот на евроинтеграција.
Во таа насока Маричиќ додаде дека не е многу популарно да се зборува за временски рамки, нагласувајќи дека доколку нема временска рамка секогаш ќе има оправдување зошто и како треба да се одложи проширувањето на ЕУ.
- Ветувањето од Солун за европската перспектива треба да биде испорачано преку стратешки план, но во меѓувреме може да се направат неколку работи од сега до членството во ЕУ, покрај преговарачки процес, рече Маричиќ осврнувајќи се на планот за забрзување на пристапните преговори, кој треба да биде претставен во следните неколку недели.
Маричиќ рече дека планот за забрзување на пристапувањето во ЕУ на Западен Балкан е нешто што проевропските политичари, структури, влади, граѓанско општество го очекуваа подолго време, нагласувајќи дека билатералните теми може да биде голема пречка и подигнат ѕид помеѓу ЕУ и ЗБ, заради што е потребно ЕУ да ја има посебен фокус на менаџирање на билатералните спорови.
- Заедно мораме да ги направиме овие планови да се случат и да успеат, со цел да се заврши интеграцијата на Западен Балкан и како концепт да го победи национализмот, рече Маричиќ, порачувајќи дека на регионот му треба Европа повеќе, посилна и попросперитетна и дека тоа е можно само ако двете страни работат на оваа задача.
На семинарот, кој е во организација на организација на Европскиот Универзитет од Фиренца, а со поддршка на италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка учествуваше и евроамбасадорот Н.Е. Дејвид Гир и амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Н.Е. Андреа Силвестри, со кој Маричиќ оствари и билатерална средба.
Дијалогот за политиката на високи ниво на Школата за транснационално владеење (ЕУИ), служи за да ги запознае учесниците со најновите случувања на ниво на ЕУ и да размени идеи за тоа како „Отворената стратешката автономија на ЕУ“ може да влијае на иднината на Западен Балкан и проширувањето на ЕУ, но и како да се вклопи во новата геополитичка реалност.
Настанот е организиран во контекст на поширок проект за градење на дипломатски и лидерски капацитети од Западен Балкан. Преку овој проект околу 50 јавни службеници од регионот биле обучени на ЕУИ во Фиренца на теми поврзани со креирање политики на ЕУ и дипломатски вештини, со цел да се поддржи пристапувањето во ЕУ во регионот и иницијативата за проширување на ЕУИ во регионот.