Новости
среда, 18 октомври 2023 08:37
Вечерашната отворена трибина од кампањата Ние сме Европа во Охрид со учесниците Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, амбасадорот на Словенија Грегор Прескер и директорот на агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски се осврна на еден од најважните сегменти од нашето општество, животната средина и развој на туризмот во државата.
Маричиќ за почеток ја потенцираше важноста на градот Охрид како мека на природното богатство, културното наследство.
„Охрид е вистинското место за разговор за негувањето на културното наследство и природната убавина. Токму културното наследство и Охрид како скапоцена природна вредност ни носат развој и на туризмот.“
„Имаме право да сме горди на Охрид, но пред сѐ имаме обврска да го чуваме, штитиме и промовираме“
Во продолжение истакна дека туризмот е економска гранка која е поставена високо меѓу приоритетите со цел да стане движечка сила и стабилен фактор за зголемување на бројот на нови зелени работни места.
„Голем број од околу 700 проекти реализирани со поддршка од 80-тина милиони евра во последните 10 години, се во туристичкиот сектор и се реализирани од фондовите на Европската Унија“
Во продолжение се обрати министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова:
,,Македонскиот бисер ја заслужува целата наша почит и внимание и сите во рамки на своите можности и одговорности мораме да продолжиме да го чуваме и заштитуваме.
Не смееме да заборавиме колку е важна заштитата на животната средина и одржливиот развој."
Поинаква перспектива на отворената трибина даде и Амбасадорот на Словенија Грегор Прескер детално објаснувајќи кои биле предизвиците, начинот на пристапување на Словенија во ЕУ и објасни како драстично се промениле условите за живот на подобро, се сменил стандардот, пренесувајќи ги придобивките од членството во Европската Унија, посебно во сферата на развој на туризмот и заштитата на животна средина.
За крај директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски даде свој придонес истакнувајќи ги важните сегменти за развој на туризмот, кои се целите и како проектите од Европската Унија придонесуваат за развојот и промоцијата на туризмот во државата.