Новости
петок, 06 октомври 2023 09:28
На вечерашната трибина од Тетово, Вицепремиерот Маричиќ се обрати до јавноста истакнувајќи ја важноста и значењето од придобивките од членството во Европската Унија за сите граѓани, поентирајќи дека е важна стратешка цел за нашата земја, посебно за младите.
Почнувајќи со пораката дека младите негуваат европски вредности и се носители на прогресот во секое општество, продолжи со пораките:
„Европски е, кога ги прифаќаме младите да бидат предводници во реализација на нови, свежи и храбри идеи. Младите ја имаат најголемата сила и храброст да ги придвижуваат процесите напред. Напред кон посовремена, позелена, поинклузивна и дигитална иднина.
И токму заради младите, мораме да го направиме финалниот исчекор. Повикувам да ја потврдиме нашата мнозинска одлука за нашиот нов голем чекор за членство во Унијата, затоа што младите бараат да го фатиме чекорот со времето и да извлечеме максимум од шансата која пред нас ја создава геополитичкиот момент во кој се наоѓаме“
Понатаму во своето обраќање поентираше дека одолговлекувањето и не-застанувањето рамо до рамо во европскиот блок е ризикот кој не смееме да го дозволиме, со цел да се избегне изолација и голема неизвесност во нова фаза на чекање.
„Блокадите на уставните измени го зајакнуваат евроскептицизмот и им даваат сила на други антиевропски блокови и патишта„
„Инвестициите кои со членството во ЕУ ќе растат ќе значат нови работни места за младите. Поддршката на нови старт-ап бизниси и стратешки партнерства се отвораат како можности.
Патот на преговорите за членство во ЕУ со себе носи низа придобивки за младите како што се дополнителни мерки за мобилност. За размена на контакти, знаења и идеи на младите со нивните врсници од регионот и од ЕУ. Тоа го обезбедува програмата Еразмус за која младинските организации велат дека Еразмус е програма која ги менува животите на нашите млади на подобро“
Од секретаријатот информираат дека програмата „ЕУ за млади“ наменета за стручно образование, обука и практиканство и вработување добива директна буџетска поддршка од 15 милиони евра а во новата ИПА III ќе има уште оклу 18 мил евра за гаранција за млади.
За крај Маричиќ им порача на младите да бидат гласни, да бидат слободни во она што го творат, истакнувајќи дека со нивниот креативен порив заеднички може да се создаде прогресивно општество по мерка на младите.
„Младите заслужуваат подобар, европски животен стандард и заслужуваат да живеат во европска држава, дома, во својата татковина“
На кампањата Ние сме Европа на отворената трибина во Тетово, покрај Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ учествуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири, министерот за информатичко општество Азир Алиу, амбасадарот на Република Италија Андреа Силвестри и претставничката на невладиниот сектор Пранвера Касами од институтот за лидерство и јавна политика.