Новости
петок, 06 октомври 2023 09:23
Вечерва на трибината во Тетово, предводникот на кампањата Ние сме Европа, заменикот претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ ја истакна клучната улога на младите во креирањето европска иднина за Северна Македонија.
„Токму заради младите, мораме да го направиме финалниот исчекор. Повикувам да ја потврдиме нашата мнозинска одлука за нашиот нов голем чекор за членство во Унијата, затоа што младите бараат да го фатиме чекорот со времето и да извлечеме максимум од шансата која пред нас ја создава геополитичкиот момент во кој се наоѓаме.
Младите луѓе, се тие кои во најголем број ја препознаат ЕУ како стабилен и посакуван партнер и за тоа државата, и сите ние, имаме обврска да им бидеме партнер во обезбедувањето перспектива и европска иднина“
„Инвестициите кои со членството во ЕУ ќе растат ќе значат нови работни места за младите. Поддршката на нови старт-ап бизниси и стратешки партнерства се отвораат како можности.
Патот на преговорите за членство во ЕУ со себе носи низа придобивки за младите како што се дополнителни мерки за мобилност. За размена на контакти, знаења и идеи на младите со нивните врсници од регионот и од ЕУ. “
Понатаму во своето обраќање Јетон Шаќири министерот за образование и наука истакна:
„Во сето ова што го направивме или го правиме, имаме поддршка од нашите надворешни партнери, особено од Европската унија чии фондови се достапни и за нас како држава, нормално со одредени ограничувања.
Сега, замислете како ќе биде кога ќе станеме дел од тоа семејство. Тогаш помошта и поддршката нема да ги имаат ограничувањата што денес постојат, така што развојот на државата ќе биде значително забрзан.
Но, за тоа е потребно национално единство. Потребно е политичко единство. Согласност од сите политички чинители, да ги направиме последните чекори до остварувањето на целта, а тоа се уставните измени како клучен услов за влез во ЕУ“
Министерот за информатичко општество Азир Алиу истакна:
„Работејќи како универзитетски професор ја имам таа чест да работам со младите и тие веруваат дека „Ние сме Европа“. Младите се чувствуваат како европјани, знаат неколку јазици, знаат да размислуваат критички и се креативни“
Понатаму додаде:
„Ние сме Европа дека имаме европски вредности огледувајќи се на познати ликови како Мајка Тереза, Ферид Мурати, пејачот Нацовски, имаме препознатливи ликови но не сме членка на ЕУ. За да бидеме членка на ЕУ потребно е да се инвестира во инфраструктурата заедно со поддршка на европски фондови, да создадеме сајбер инфраструктура, да создадеме екосистеми, спин оф и старт ап компании и потребно да создадеме услови за да нашите граѓани бидат во можност да создаваат во европски услови.
За крај Министерот додаде дека е потребно да се направи последниот чекор на одлука со цел да добиеме пристап до многу повеќе европски фондови кои ќе ни обезбедат европски услови за сите граѓани и за младите.
„До сега министерството за информатичко општество и администрација со европски фондови успева да реализира повеќе проекти кои го модернизираат општеството по европски терк.“
На трибината во Тетово учествуваа и амбасадорот на Република Италија и претставничката на невладиниот сектор Пранвера Касами од институтот за лидерство и јавна политика.