Новости
четврток, 28 септември 2023 07:47
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вечерва на покана на претседателот на бошњачката Странка на демократска акција на Македонија, Џелал Хоџиќ, присуствуваше на свеченото одбележување на 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците.
Маричиќ во своето поздравно обраќање рече дека одбележувањето на меѓународниот ден на Бошњаците значи потврдување на нивниот јазик, култура и идентитет, но и прифаќање на етничките разлики во демократското македонско општество, во кое се заштитени интересите на сите граѓани.
- Заедно, децении наназад, како сограѓани, заедно сме ја граделе Северна Македонија и заедно сме биле исправени пред предизвиците. Денеска на патот кон нашата заедничка европска иднина градиме мостови на пријателства и заедно чекориме кон подобра иднина. Заедно и ќе продолжиме да градиме стабилна и сигурна иднина, за нашите идни поколенија и за сите граѓани во неа, рече Маричиќ.
Во тој контекст вицепремиерот пред присутните рече дека македонскиот и бошњачкиот народ имаат исти цели и работат на нивно исполнување, а тоа е како што кажа Маричиќ просперитетот и напредокот на земјата, мирот, поврзаноста и соработката во регионот, во што Бошњаците даваат значаен придонес, но и голема посветеност во исполнувањето на европските интеграции на Северна Македонија.
- Придонесот на Бошњачката заедница во економскиот, културниот и општествениот живот во земјава е мошне значаен. Нивното учество во сите значајни државни процеси е од клучно значење за напредокот и развојот на државата и истовремено доказ за мултикултурното и мултиетничко општество во кое живееме, посочи Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања потенцираше дека по примерот на Европа, за соживот и почитување на заедници кои се обединети токму во различностите, целта на Владата е да гради „Едно општество“, концепт кој го заштитува и негува идентитетот на сите заедници.
Тој додаде дека бошњачкиот народ отсекогаш бил пример за достоинство, мирољубивост и почитување на демократските принципи, засновани на меѓусебно почитување и солидарност, посочувајќи дека низ годините Бошњаците претрпеле многу неправди, но борбата за потполна национална афирмација ги прави симбол за храброст и свесност за обезбедување на сигурна иднина за идните генерации.
- Моето обраќање ќе го завршам со пораката да продолжите гордо и достоинствено да ја негувате вашата традиција и национални обележја, а Владата е тука за и понатаму да работи на зачувување на мултиетничкиот карактер на македонското општество и да помогне во афирмацијата на вашиот национален идентитет, бидејќи бошњачкиот народ се вредна коцка во македонскиот културен мозаик, порача Маричиќ.
Денеска бошњачкиот народ ширум светот го прославуваат 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците, значаен датум во нивната историја, и ја одбележуваат 30 годишнината од враќањето на националното име Бошњак и мајчиниот босански јазик, на првото заседавање на бошњачкото Собрание, во 1993 година.