Новости
среда, 27 септември 2023 07:42
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на отворена трибина: „Градиме македонски, градиме европски“, рече дека сега се гради побрзо и поквалитетно и дека од 2017 до 2023 година се вложени преку 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта.
- Целата држава е огромно градилиште за нова и за обнова на патната мрежа. Во тек е годината на историски инвестиции. Станува збор за капитални инвестиции во патната мрежа според европски стандарди. Мрежа од патишта и железница кои ќе донесат придобивки од поврзувањето со Европа и светот. Кои како трајни инвестиции ќе останат за идните генерации, рече Маричиќ.
Тој додаде дека македонските патни коридори денеска се дел од европските коридори, особено со Коридорот 10 и Коридорот 8, кои како што вели Маричиќ ја прават Северна Македонија стратешка точка на Европа и дел од мрежата коридори на Западен Балкан, од суштинска важност за развојот на цела Европска Унија и за развојот на нашиот регион.
- Затоа кога велиме „Ние сме Европа“, тоа има посебна тежина кога станува збор за Северна Македонија како крстосница на дел од најважната европска патна инфраструктура. И не само патна, туку и енергетска затоа што енергетските коридори се пресликуваат преку патните. И во однос на тоа прашање гордо може да кажеме дека нашата земја е во средиштето на мрежата која го овозможува пулсот на Европа, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ смета дека не може да има развој без развиена инфраструктура и дека не може да има развиена инфраструктура без вложување во транспортната мрежа и без ефикасна транспортна мрежа.
- Затоа оваа Влада е максимално посветена на подобрување на транспортната инфраструктура. Преземени се голем број активности за изградба и реконструкција на патната мрежа, како дел од јадрото и сеопфатната мрежа на европските транспортни коридори, посочи Маричиќ.
Водени од тие перспективи Маричиќ напомена дека Владата е фокусирана на реализирање современа и безбедна инфраструктура според европски стандарди и според стратешките интереси, бидејќи како што кажа Маричиќ „само така ќе ја зајакнеме нашата држава економски, како внатре, така и надвор од нашите граници“.
- Го даваме нашиот придонес, нашите македонските патишта во трансевропската мрежа, за подобро поврзување, побрз и побезбеден превоз на патници и стоки. За да имаме полесен и поедноставен пристап и да го направиме големиот внатрешен пазар на ЕУ наш пазар. Пазар на 500 милиони потрошувачи до кои многу полесно, побрзо и побезбедно ќе стигнат македонските производи. Патна мрежа преку која брзо и без напор ќе се поврзуваат нашите, македонските граѓани со граѓаните на Европа затоа што и ние сме Европа“, порача Маричиќ.
На трибината „Градиме македонски, градиме европски“, која вечерва се одржа во Штип, учествуваа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Ана Никодиновска Крстевска, проректор за меѓународна соработка при Универзитетот Гоце Делчев – Штип.
Во рамки на кампањата „Ние сме Европа“, во организација на Секретаријатот за европски прашања досега се одржаа 4 трибини на различни теми во Скопје, Струмица, Битола и Прилеп.