Новости
среда, 13 септември 2023 07:48
Вицепремиерот Маричиќ денеска во Атина се сретна со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, на која разговараа за европската перспектива на регионот, важноста за задржување активен процесот на преговори и уставните измени.
Министерот Герапетритис потврди дека е јасна позицијата на Грција за членство ан Северна Македонија во ЕУ и дека имаме целосна поддршка за нов напредок и успех во процесот.
Вицепремиерот Маричиќ се заблагодари за недвосмислена порака која Грција продолжува да ја испраќа како поддршка за нашата евроинтеграција, укажувајќи дека Владата прави напори да остане државата во процесот и да напредува со другите држави кои ќе бидат дел од пакетот за идното проширување.
- За нас но и за цел Западен Балкан е важно да ја имаме најстарата балканска држава членка на ЕУ на наша страна, да имаме гласен партнер во Унијата за проширување до 2030 година и европско обединување, рече Маричиќ.
Во пријателска атмосфера вицепремиерот Маричиќ и министерот Герапетритис се согласија дека двете држави направија многу важни чекори заедно и резултат на тоа денес сме сојузници во НАТО, посочувајќи дека сега работат заедно и на следните чекори кон членството на Северна Македонија во ЕУ.
На средбата беше разговарано и за билатералните односи и за новите услови кои ги создаде Преспанскиот договор, со кој значително се подобри меѓусебната соработка на различни полиња, почнувајќи од економијата, културата, образованието и инфраструктурните врски меѓу двете држави. Во таа насока Маричиќ изрази верување дека континуираните средби на високо ниво и зајакнувањето на политичкиот дијалог е добар импулс за натамошно унапредување на пријателството и меѓусебната соработка.
Маричиќ ја искористи средбата да изрази сочувство за природната катастрофа која ја погоди Грција, укажувајќи дека Грција може да смета на македонска помош во справувањето со предизвиците.
Вицепремиерот Маричиќ состанокот со министерот за надоворешни работи Герапетритис го оствари на маргините на меѓународната конференција „Перспективите за пристапување кон ЕУ на Западен Балкан во контекст на руската агресивна војна против Украина“, каде учествува на панелот насловен: „Нов моментум за проширување: Како може Западен Балкан не ја пропушти можноста?“, во организација на грчката фондација за надворешна и европска политика ЕЛИАМЕП.