Новости
среда, 06 септември 2023 07:56
„Ние сме тука да го чуваме и заштитиме аманетот на Конески. Посветени на сочувувањето и афирмацијата, успеавме македонскиот јазик да го вградиме во европската јазична инфраструктура, како рамноправен јазик меѓу јазиците на европската цивилизација. Еднаков со сите други. Јазик на кој ќе бидат преведувани сите идни документи и договори со Европската Унија“, рече вицепремиерот Маричиќ на денешната трибина „ЕУ за македонското културно богатство“.
Со цел да ги разобличи сите дезинформации меѓу кои и оние кои неуспешно се трудат да создаваат лажна реалност дека македонскиот јазик, како суштински дел од македонскиот национален и културен идентитет бил наводно загрозен или дека бил пред исчезнување во преговорите со Европската Унија, вицепремиерот Маричиќ рече дека „македонскиот јазик е словенски и европски, со сета негова посебност, а ние сме горди Македонци на тоа и на наследството што ни го остави џинот од Небрегово – кодификаторот на македонскиот јазик Блаже Конески“.
Тој посочи дека во преговорите што траат и претстојат, треба да влеземе со поголема самодоверба и да потврдиме дека нема начин како да се откажеме од нашиот идентитет и како тој да биде загрозен.
„Ние, граѓаните, но и оваа Влада се гаранција дека кој и да помисли да го загрози нашиот идентитет, кој и да отвори какво било прашање за нашиот јазик и идентитет, ние сме тука да го штитиме. И Подготвени сме доколку е потребно, а со тоа сме и обврзани да отстапиме и да ги напуштиме преговорите, но тоа нема да се случи. Нема да се случи затоа што ние сме гарант и Преговарачката рамка е гарант дека никој не може да го загрози нашиот идентитет“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот укажа дека културата и креативниот сектор имаат моќ да го подобрат животот, да ги трансформираат заедниците, да создаваат работни места и раст и да поттикнуваат заедништво, нагласувајќи и дека Битола е еден од столбовите на македонскиот европски дух и потврда дека сме Европа.
„Токму затоа Европската Комисија ги обедини програмите за поддршка во културата и направи една големата програма „Креативна Европа“. Програмата е развиена за поддршка на културните оператори и за пристап до финансирањето од ЕУ. Резултатите од поддршката на ЕУ за културните проекти е видлива на секој чекор ширум нашата земја. Секоја година бројни фестивали, бројни настани, реконструкција на многу објекти, манастири, но и реконструкција на историски локалитети, се финансирани токму од ЕУ“, заклучи Маричиќ на трибината во Битола.
Кампањата „Ние сме Европа“, во организација на Секретаријатот за европски прашања, продолжува следната недела.