Новости
четврток, 22 јуни 2023 07:53
Денеска Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во соработка со Секретаријатот за европски прашања и Министерството за финансии организираа научната конференција на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: клучни предизвици и приоритети“.
На конференцијата во тематската област „Право и политика“, со свој труд учествуваше вицепремиерот Маричиќ, кој посочи дека сега е време сите заедно креативно да размислуваат и летово да се отвори дискусија за областите во кои ќе може Северна Македонија да се вклучи порано, пред членството во ЕУ.
- Имаме реална шанса Северна Македонија да биде во пакетот на држави кои ќе бидат идни членки на ЕУ. Постои план од страна на ЕУ кој треба да го искористиме за забрзување на реформите и приближување на Северна Македонија поблиску до членството во Унијата, рече Маричиќ.
Тој укажа дека новата методологија за проширување дозволува динамизирање на преговорите, односно забрзана реализација на реформска агенда и брзи резултати.
- Имајќи ја предвид истата, забрзаното или фазно пристапување, може да го забрза, но исто така има потенцијал и да го успори нашето интегрирање во ЕУ, рече Маричиќ, посочувајќи дека е неопходно да имаме јасно дефинирани приоритетни области во склоп на забрзаната интеграција, а земјите членки тоа да го поддржат и во следниот период да се креира календар за наше активирање во истите.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ очекува дека заложбите на Европската комисија во овој период треба да бидат насочени кон унапредување и забрзување на процесите кои ќе ѝ овозможат на Северна Македонија членство во следниот бран на проширување на Унијата, потенцирајќи дека е важно да се одржи втората Меѓувладина конференција за време на шпанско претседателство, односно до крајот на годината.
Тој во своето излагање посочи дека е исклучително важно улогата и вклученоста на академската заедница во овој државнички процес, како и во придонесот во демократскиот и одржлив развој на македонското општество и држава, потенцирајќи дека понатаму за сите процеси поврзани со евроинтеграцијата ќе продолжи комуникацијата и координацијата со академската фела.
- Дебатите и поинтензивната соработка со академската заедница дополнително треба да придонесат за развојот и демократизацијата на македонското општество, со што практично го забрзуваме интегрирањето во ЕУ.
Во тематската област „Економија“ се обрати министерот за финансии Фатмир Бесими кој кажа дека досегашната пракса на земјите од Централна и Источна Европа, покажале дека евроинтеграциите се катализатор на економскиот развој, односно подобрување кај сите економски параметри – БДП по глава на жител, странски и домашни инвестиции, трговија, како и подобрување на животниот стандард.
- Единствениот европски пазар од половина милијарда граѓани, пристапот до заедничките фондови, како и заедничките стратегии по однос на клучните прашања се главните придобивки од членството, кои ќе придонесат кон побрза конвергенција на нашата земја кон развиени. Науката може и дава значаен придонес во приближувањето до европските стандарди“ – порача министерот за финансии, Фатмир Бесими.
На научната конференција, која се одржа во просториите на МАНУ, учествуваа академици, професори од државните и приватните универзитети, од научните институти, од други домашни научни и стручни институции, како и дел од владините експерти кои активно ќе партиципираат во преговорите со ЕУ.