Новости
вторник, 30 мај 2023 10:18
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во рамки на официјалната посета на Брисел се сретна со европратениците од групата на Прогресивна алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот Парламент, Тонино Пицула, Матјаж Немец и Андреас Шидер.
На средбите беше разговарано за спроведувањето на европската реформска агенда, за уставните измени, како и за новите случувања на Косово.
Европратениците ја потврдија поддршката која ја даваат на Северна Македонија да ја одржи динамиката на преговорите со ЕУ, како и дека имаме пријатели во ЕУ кои ги препознаваат нашите позитивни чекори и даваат поддршка на нашите заложби да успееме до 2030 да станеме членка на Унијата.
На состанокот беше потенцирано дека имаме добра прилика, како држава членка на НАТО, една од ретките во регионот што е целосно усогласена со надворешната политика на ЕУ, држава која ги започна преговорите со ЕУ и која важи за сериозен фактор на стабилност во регионот, да биде во пакетот земји за идно членство во ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ укажа дека ЕУ интеграцијата е пат кој свесно и одговорно го бираме, потенцирајќи дека од тоа е потребно за стабилност и прогрес на државата, за видливи реформи на внатрешен план, кои ќе дадат позитивна трансформација на македонското општество.
На средбата соговорниците ја осудија ескалацијата на Косово, за која се согласија дека е потребно итно да се врати дијалогот на маса, бидејќи ваквата состојба не оди во прилог на целиот регион, како и на неговата евроинтеграција.
Маричиќ оствари средба и со европратеничка од група на Зелените, Тинеке Стрике и координативен состанок со Микела Матуела, вршителката на должност директорка за Западен Балкан на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, на коитеми за разговор беа текот на скрининг процесот, планот за реформи и изработката на клучните документи од првиот Кластер, Патоказот за владеење на правото, Патоказот за функционирање на демократските институции и реформата на јавната администрација.