Новости
среда, 24 мај 2023 08:30
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, оствари средба со студенти и професори, на која дебатираа за евроинтегративниот процес во актуелниот геополитички контекст и придобивките од членството во ЕУ.
Со студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ зборувавме за евроинтегративниот процес во актуелниот геополитички контекст, за натамошниот развој и за новите европски можности, за кои се согласивме и со моите поранешни колеги и со студентите дека вреди да се оди напред.
Вицепремиерот го изрази неговото задоволство што после долг период има можност да дебатира со неговите колеги и младите правници од Правниот факултет „Јустинијан Први“, каде бил демонстратор на деканот Проф. Д-р Сашо Георгиевски и покојната професорка Тања Петрушевска, укажувајќи дека придобивките кои ги носат реформите и членството во ЕУ ќе ги задржат дома, да работат и да придонесуваат за развојот на државата.
- Младите се најважниот ресурс кој го имаме и мора да работиме да ги задржиме со своето знаење да помогнат на институциите кои ги очекува тешка работа во процесот на пристапување во ЕУ, рече Маричиќ.
Во таа насока вицепремиерот посочи дека на државата во овој момент ѝ е потребна правната фела и младиот кадар на Правниот факултет, особено во делот од преговорите за усогласување на домашното законодавство со законодавството на Европската Унија.
Вицепремиерот Маричиќ предложи да се разгледаат можности за идни активности со Правниот факултет и можноста за стажирање во Секретаријатот за европски прашања (СЕП) на младите правници, како и организирање на обуки во Тренинг центарот на СЕП.
Деканот Георгиевски го поздрави доаѓањето на вицепремиерот на Правниот факултет и неговата иницијатива, осврнувајќи се на Меморандумот за соработка помеѓу Правниот факултет Јустинијан Први Скопје и СЕП и укажа дека постои отвореност и желба во следниот период да се дефинираат следните заеднички активности.
На студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ вицепремиерот Маричиќ накратко им го објасни скрининг процесот и како се одвива оваа фаза од преговорите со ЕУ, велејќи дека иако скрининг процесот често е потценуван и неважен, игра голема улога и ја дава потребната слика за она што останува да го направиме за да исполниме нашата стратешка цел.
После неговото обраќање следуваат прашања и коментари од студентите и професорите кои кажаа дека ја знаат и препознаваат важноста годинава да се завршат обврските од преговарачката рамка и дека не сакаат да ја изгубиме оваа шанса, која ја отвори руската воена агресија врз Украина.