Новости
вторник, 09 мај 2023 01:49
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашање Бојан Маричиќ по повод 9-ти Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа порача дека европските држави на 9-ти Мај 1950 година го направија невозможното и дека „ние до 9 Мај 2030 година можеме да го направиме возможното, а тоа е нашето членство во Европската Унија“.
-Ние денес се бориме за истите вредности и цели за кои Германија и Франција направија историски исчекори после Втората светска војна. Тоа е обединувањето. Економската соработка. Да бидеш свој на своето, а во исто време да припаѓаш во нешто многу поголемо. Да се движиш слободно, да работиш слободно. Да придонесуваш и да добиваш. Да биде подобро, рече Маричиќ во своето видео излагање.
Маричиќ укажа дека на сите им е јасно „дека најтешките одлуки се зад нас“ и дека уставните измени не се ништо друго освен влог кој носи гаранција за придобивките, а не ни одзема ништо.
-Тоа добро го знаат и тие што се противат на нашиот европски пат. Затоа, време е да престанат да се противат, за да не станат историски негатори и кочничари на стратешките цели на сопствениот народ, укажа вицепремииерот.
Денес кога имаме и слобода, и држава, Маричиќ вели дека „точно знаеме каде одиме, што бараме и што ќе добиеме“ и дека „работата е во наши раце нема веќе чекање“.
- Нема откажување. Како што успеавме да станеме членка на НАТО, така ќе успееме да станеме членка и на ЕУ. Одиме во сојуз кој ни носи европски фондови и европски стандарди во сите области што живот значат. Фондови за да градиме како никогаш до сега – македонска инфраструктура со европски пари. И паралелно со тоа – реформи. Реформи за сите наши институции, во сите ресори да дадат најдобра услуга за нашиот народ, посочи Маричиќ во видеообраќањето.
Во продолжение интегрален текст од видеообраќањето на вицепремерот Маричиќ
„Почитувани граѓани,
9 Мај 1950-та е денот кога Франција и Германија го направија невозможното – се договорија заеднички да го раководат производството на челик и јаглен со можност да им се приклучат и другите земји. Така, на економска основа се создаде долготраен мир и потоа се изгради Унија на држави кои заедно до ден денес одат по патот на солидарноста, соработката и економскиот раст.
Европските држави на 9 Мај 1950 година го направија невозможното, а јас сум убеден дека ние до 9 Мај 2030 година можеме да го направиме возможното – тоа е нашето членство во Европската Унија.
Ние денес се бориме за истите вредности и цели за кои Германија и Франција направија историски исчекори после Втората светска војна. Тоа е обединувањето. Економската соработка. Да бидеш свој на своето, а во исто време да припаѓаш во нешто многу поголемо. Да се движиш слободно, да работиш слободно. Да придонесуваш и да добиваш. Да биде подобро.
Нашата верба е основана. Исконска е, овдешна, македонска. Никој не ни ја донесе од надвор. Ние отсекогаш, со векови сме на овој пат.
И денес кога имаме и слобода, и држава – точно знаеме каде одиме, што бараме и што ќе добиеме. Одиме во сојуз кој ни носи европски фондови и европски стандарди во сите области што живот значат. Фондови за да градиме како никогаш до сега – македонска инфраструктура со европски пари. И паралелно со тоа – реформи. Реформи за сите наши институции, во сите ресори да дадат најдобра услуга за нашиот народ.
ЕУ за нас вреди многу. И токму таа ЕУ секојдневно е со нас – ни го потврдува јазикот, ни помага во неговата промоција, потпишува договори со нас на македонски јазик. ЕУ не е Унија која менува идентитети, напротив, во нашиот случај ЕУ ни го потврдува нашиот македонски идентитет, онаков каков што ние си го претставуваме и вреднуваме.
И нема човек на кој не му е јасно дека најтешките одлуки се зад нас. Дека уставните измени не се ништо друго освен влог кој носи гаранција за придобивките, а не ни одзема ништо. Тоа добро го знаат и тие што се противат на нашиот европски пат. Затоа, време е да престанат да се противат, за да не станат историски негатори и кочничари на стратешките цели на сопствениот народ.
Работата е во наши раце и затоа мораме да ја завршиме веднаш. Нема веќе чекање. Нема откажување. Како што успеавме да станеме членка на НАТО, така ќе успееме да станеме членка и на ЕУ.
Нека ни е честит 9 Мај, Денот на Европа“.