Новости
петок, 05 мај 2023 08:28
По повод Денот на македонскиот јазик вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ се обрати на панел-дискусијата на која рече дека во сите преговори со Европската Унија и со Бугарија, секогаш клучна црвена линија бил бил македонскиот јазик.
- Никогаш не отстапивме од јазикот и немаме намера, ни право, да отстапиме. Токму затоа и успеавме македонскиот јазик да го вметнеме во преговарачката рамка, како јазик на којшто треба да се преведе целото европско законодавство, и на којшто веќе се преведува, и како јазик на којшто ги склучуваме и потпишуваме договорите со Европската Унија, рече Маричиќ.
За сентенцата на Блаже Конески, „Јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“, Маричиќ рече дека е „трајна порака и аманет од Конески за јазикот кој мораме да го одржиме жив и активен, за да ни биде жива и државата и македонскиот идентитет“.
- Го отсликува контекстот во тоа време кога е искажана, со целиот историски товар на македонскиот јазик и колку била тогашна Македонија цел на промена и на намери, и на напади, и на окупатори, менување на граници, системи и власти, јазикот ни бил константа. Тоа е во историски контекст. Товарот кој го носи оваа порака денес е многу поголем и е дел од нашата политичка агенда, посочи Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ смета дека јазикот ќе го одржиме жив ако го користиме, ако на него пишуваме и ако го негуваме, укажувајќи дека во Европската Унија јазикот е дел од идентитетот, и се негува како вредност.
- Токму затоа инсистираме на тоа дека во процесот на зачленување кон Европската Унија дека мора јазикот да ни биде заштитен, бидејќи не пристапуваме кон некои анахрони, застарени унии од минатото, туку баш кон Европската Унија, којашто е врв на почитување на различностите. Успеавме да го вметнеме во преговарачката рамка како јазик на кој се преведува европското законодавство и на кој се потпишуваат договорите со ЕУ и водат преговорите со ЕУ, додаде Маричиќ.
Маричиќ кажа дека во Секретаријатот за европски прашања вложува многу во доследен превод на европското законодавство, за што издвојуваат по 20 милиони денари од својот буџет за превод последните две години, но и дека имаат помош од Кралството Шведска и Норвешка преку програмата УНОПС од околу 250 илјади долари годишно, и околу 20 илјади евра од Европската Унија, и на тој начин успеваат на годишно ниво да преведат околу 60 илјади страници од европското законодавство на македонски јазик.
На крајот Маричиќ го поздрави новиот закон за македонски јазик и посочи дека треба секоја институција да се погрижи за лектурата и да има лектор коишто ќе внимава и на официјалните дописи, но и на другите материјали, но побара и да се обрне внимание на професорите по македонски јазик, бидејќи тие се тие што ќе го држат нивото на стандардниот јазик.
На настанот кој се одржа во Национална опера и балет се обрати ја и министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, Елена Јованова-Грујовска, Директорка на Институт за македонски јазик при УКИМ, Наташа Аврамовска, Директорка на Институт за македонска литература при УКИМ, Људмил Спасов, Претседател на Советот за македонски јазик при Владата и Весна Мојсова-Чепишевска, Директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.