Новости
вторник, 02 мај 2023 08:43
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска го отвори настанот со кој официјално почна кампањата за ИПАРД 3 програмата велејќи дека оваа програма е нова страница станица во развојот на македонското земјоделство и ќе ни даде добра основа за многу повеќе и поголеми структурни европски фондови, бидејќи тоа го носи членството во Унијата.
- Ова е потврда и најсилен доказ зошто сме и зошто треба да останеме на европскиот пат. ИПАРД е успешна европска приказна и подготвени сме да ја продолжиме со ИПАРД 3, со зголемени неповратни европски средства, за уште поголеми инвестиции и модернизација на македонското земјоделство, рече Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ во своето обраќање кажа дека ИПАРД програмата е многу важна алатка за поддршка на земјоделскиот сектор, за имплементација на конкретни мерки и доближување на македонските производи на европскиот пазар, укажувајќи дека благодарение на европските средства и имплементацијата на ИПАРД програмата резултатите на терен се видливи.
- Препознаени сме во ЕУ како лидери во регионот по искористеноста на средствата од ИПАРД 2 програмата, со висок процент на искористеност од 98%. Затоа заслужено сме наградени од страна на Европската комисија со дополнителни 62% неповратната ЕУ поддршка за новата ИПАРД 3 програма 2021 – 2027 година. Тоа значи неповратни 97 милиони евра европски средства се ставаат на располагање за нови инвестиции, развој и модернизација на македонското земјоделство, истакна Маричиќ.
Според него „без посилно и поконкурентно земјоделство, нема да бидеме подготвени да се натпреваруваме на големиот европски пазар“, и затоа како што вели Маричиќ потребно е на земјоделците да им се обезбедат вистинските алатки со кои ќе ги искористуваат максимално европските средства наменети за подобра механизација и модернизација на производството.
Маричиќ укажа во своето обраќање дека секое евро, секој расположлив фонд мора Северна Македонија да го искористи за подобрување на нашето земјоделско производство, што ќе придонесе да сме поконкурентни на европскиот пазар и подобро да се подготвиме за Кластер 5 кој е поврзан со прашањето за кохезија и земјоделска политика.
- Користењето на средствата од ИПАРД Програмата е прашање од заеднички интерес со Европската Унија, бидејќи земјоделството е една од клучните области на економијата што придонесува за стабилност и просперитет во Европа, рече вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ.
Тој порача „сите да бидеме позитивни и да гледаме кон подобра иднина“, бидејќи ЕУ нуди на секого нешто и секоја земја ја пронаоѓа својата придобивка од членството во ЕУ, која пред сè е проект на мир, стабилност, а потоа и економски просперитет.
Настанот кој се одржа во хотел Лимак беше најава за почеток на интензивна теренска информативна кампања во сите региони, во следните два месеци. Предвидено е да се посетуваат по две населена места дневно, а првиот повик од ИПАРД 3 програмата треба да биде објавен кон крајот на јуни.