Новости
среда, 05 април 2023 10:34
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, му посака добредојде на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој штотуку слета на Меѓународниот аеродром Скопје.
„Во време кога сме поставени пред нови процеси и предизвици вистинските пријатели се со нас да споделат искуство и да дадат поддршка на европската интеграција на Северна Македонија.
Срдечно добредојде за хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ со кој ќе имаме можност да дискутираме за нашите планови, за нови проекти, за иднината на регионот“, напиша вицепремиерот Маричиќ на својот Фејсбук профил.
Денеска претседателот на Владата на Република Хрватска престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, во чии рамки ќе оствари средби во високи државни претставници.
Домаќин на хрватскиот премиер Пленковиќ ќе биде претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а организирана е и свечена церемонија на пречек пред платото на Владата, со највисоки државни и воени почести, по што ќе следи тет-а-тет средба на премиерите, како и пленарна средба на делегациите на двете земји.
Во фокус на разговорите ќе бидат евроинтеграциите и текот на преговорите со ЕУ, уставните измени, билатералните односи, унапредување на соработката во областите клучни за напредок во пристапниот процес кон ЕУ, а ќе бидат разгледани и можностите за нови инвестиции.
Ќе следуваат и средби со шефот на државата Стево Пендаровски, како и со собранискиот претседател Талат Џафери, а Пленковиќ ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.