Новости
петок, 31 март 2023 08:07
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со неговата шведска колешка, министерката за европски прашања Јесика Росвал, на која разговараа за активностите во рамки на приоритетите на претседавањето со ЕУ, уставните измени, реформите и текот на скрининг процесот.
На средбата беше потврдена континуираната поддршка што Кралството Шведска ја дава на европскиот пат на Северна Македонија и посветеноста која ја има за време на нејзиното претседавање со ЕУ на целиот регион.
- Важно е што имаме политичка поддршка и отворена врата за ЕУ. Сега во наши раце е динамиката и континуитетот на процесот на преговори со ЕУ. Владата има политичка волја и е подготвена да го забрза спроведувањето на реформите, но потребен е и јасен план и рамка од страна на ЕУ за проширувањето, рече Маричиќ на состанокот.
Вицепремиерот Маричиќ се заблагодари за политичката и финансиска поддршка што веќе три децении Шведска ја дава на Северна Македонија за напредок и исполнување на стратешката цел, членството во Европската унија.
Министерката за европски прашања Росвал ја поздрави целосната усогласеност на Северна Македонија со надворешната политика на ЕУ и придружувањето во санкциите кон Русија. Во контекст на тоа министерката се заблагодари и за искрената поддршка која ја има Шведска за членството во НАТО од Северна Македонија, што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на евро-атлантскиот простор.
Во рамки на официјалната посета на Кралството Шведска, вицепремиерот Маричиќ се сретна и со државниот секретар на министерката за европски прашања, Кристијан Даниелсон, со кој разменија свои видувања за моменталните политички случувања во регионот и важноста од јасна европска перспектива за државите од Западен Балкан.
Маричиќ посетата во Стокхолм ја искористи и за средба со заменик генералниот директор и директор на Одделот за Јужна Америка и Европа на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА), Лиза Фредриксон, за која разговара за билатералната соработка и спроведувањето на Стратегијата за соработка за 2021-2027 година.
Маричиќ беше во дводневна работна посета на Кралството Шведска на покана на шведската министерка за европски прашања Јесика Росвал, за време на шведското претседавање со ЕУ.