Новости
петок, 17 март 2023 10:44
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија рече дека вратите на ЕУ се отворени, но дека на нас останува да ги завршиме обврските и да испорачаме резултати кои се во интерес на граѓаните и на економскиот развој на државата.
- Имаме добра подготвеност да го продолжиме процесот на преговори со ЕУ. Политичката поддршка и наклонетоста која ја имаме од земјите членки на ЕУ треба да ја искористиме сега и да го задржиме континуитетот на евроинтеграциите, додаде вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ истакна дека Северна Македонија ја спроведува Спогодбата во континуитет и во целост, со што е постигнато значително ниво на хармонизација на националното законодавство со правото на ЕУ.
- Сите тела на ССА се во редовно заседание што се потврдува и со овој состанок денеска. Согласно новата методологија за пристапни преговори телата на ССА – Советот, Комитетот и поткомитетите добиваат посебна тежина и важност бидејќи во рамките на истите ќе се следи динамиката на пристапните преговори со што ќе се прошири опфатот на темите за дискусија, напомена вицепремиерот Маричиќ.
За точката посветена на Економските критериуми, главниот преговарач со ЕУ рече дека ликвидноста и солвентноста на банкарскиот систем е солидна и стабилна.
- Макроекономската стабилност на земјата е задржана и бележи солиден раст од 3,2% во првата половина од 2022 година. Извозот на стоки и услуги забележа раст од 14,5% на реална основа. Позитивните движења на пазарот на трудот продолжија во текот на 2022 година. Стапката на невработеност во третиот квартал од 2022 година се намали на 14,3%, додека стапката на вработеност достигна 47,3%.
Тој укажа дека е донесен новиот Закон за буџети со кој се воведуваат фискални правила, фискален совет, среднорочно буџетирање и дополнително подобрување на фискалната транспарентност, а се осврна и на започнатата реформа на даночниот систем согласно Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025.
Вицепремиерот посочи дека и покрај сите предизвици, постигнат е напредок и во однос на понатамошното усогласување со ЕУ законодавството, наведувајќи дека е донесена Стратегија за развој на системот за јавни набавки 2022-2026.
Во областа на енергетиката, Маричиќ кажа дека приоритет претставува ревизијата на Националниот енергетски и климатски план, како и активностите за подобрување на енергетската ефикасност, со цел намалување на ранливоста на земјата на надворешни шокови и зголемување на енергетската сигурност.
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ со европската делегации ја сподели позитивните впечатоци од досегашниот тек на скринингот и изрази благодарност до комесарот Вархеји и службите на Европската Комисија за добрата организација на скрининг состаноците.
Тој напомена дека е важно за нас да ги добиеме скрининг извештаите што е можно побрзо, за да се задржи фокусот и мотивацијата за реформите и кај администрацијата и кај општеството во целина.
Паралелно работиме и на подготовка на придонесот кон годишниот Извештај на Европската Комисија, во кој се вклучени преку 160 институции и над 1200 државни службеници. Убеден сум дека и во овогодишниот Извештај, Комисијата ќе нотира дека е постигнат напредок, и покрај сите внатрешни и глобални предизвици со кои се соочуваме непрекинато.
Како што редовно изјавува, на секој билатерален скрининг, Маричиќ на состанокот потврди дека Северна Македонија е подготвена во целост да го преземе законодавството на Европската Унија во својот внатрешен правен поредок и да изгради ефикасни административни и правосудни капацитети за негова целосна примена.
Пристапните преговори ќе бидат дополнителен поттик да се продлабочи и забрза интеграцијата и целосната транспозиција на европското законодавство во националниот правен и институционален систем. Очекуваме дека новата методологија за пристапни преговори која се применува за првпат во нашиот случај (и Албанија), ќе придонесе за динамизирање на преговорите, забрзана и неповратна трансформација на нашите општества во целосно функционални демократии и конвергенција на нашите економии со намалување на диспаритетите.
На состанокот вицепремиерот Маричиќ се заблагодари за поддршката која ја добиваме од ЕУ за спроведување на реформите преку Инструментот за претпристапна помош ИПА, но и за помошта за макроекономската стабилност и справување со последиците од енергетската и ковид кризата.
- Рамковната спогодба за спроведување на ИПА 3 е ратификувана влезе во сила. Акредитациските пакети за спроведување на проекти во секторите транспорт и животна средина се подготвени, ја поминаа фазата на воспоставување, само-оценување и во моментов се во фаза на оценка на сообразност во рамките на ИПА ревизорското тело. Секторската спогодба за ИПАРД III е потпишана од двете страни со што се исполнети условите за спроведување на ИПАРД програмата, додаде Маричиќ.
На состанок се разговараше за напредокот на земјата, реформската агенда и планираните активности и задачи кои треба да се реализираат во понатамошниот тек на евроинтеграцискиот процес.
Ова е прв состанок на Советот за Стабилизација и асоцијација што го одржуваме како земја која преговара со ЕУ. Последниот се одржа пред 4 години во Брисел, а денешниот 16-ти состанок, по прв пат се одржува во Скопје.
На состанокот претседаваше премиерот Димитар Ковачевски. Во делегацијата покрај вицепремиерот Бојан Маричиќ, беше и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Делегацијата на ЕУ беше предводена од Жосеп Борел Фонтелес, Висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, како и Оливер Вархеји, Комесар за соседство и проширување, кои ја претставуваа Европската комисија.