Новости
четврток, 09 март 2023 08:28
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на собраниската седница, по точката за годишниот Извештај на Европската комисија за 2022, рече дека прашањата со реформите, напредокот и стратешката поставеност на земјата треба да се почесто тема во Собранието и да се од интерес на сите.
- Сметам дека Собранието е најсоодветното место каде темата за Извештајот на Европска комисија треба постојано да биде отворена. Истовремено треба да биде и главно место од каде треба да доаѓаат и пораките за следните чекори во процесот на преговори, и критиките, но и поддршката за спроведувањето на реформите, рече од собраниската говорница вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ посочи дека Северна Македонија минатата година доби позитивен Извештај на Европската комисија, прв после отворањето на преговорите со ЕУ, со оценка „добро ниво на подготвеност“, за вкупната подготвеност на земјата за 2022.
- Оценките од Извештајот укажуваат дека во некои области сме направиле и сме постигнале многу повеќе и од земјите од регионот кои веќе деценија се во процесот на преговори со ЕУ. Но, исто така јасно и недвосмислено, Европската Комисија укажа на работата на Собранието за доцнењето при носењето на закони, како резултат на блокадите од страна на опозицијата, потенцираше Маричиќ.
Тој смета дека силната ангажираност на Владата за решавање на отворените прашања со соседите, одржување добрососедски односи и со континуитет во реформите, земјата ја позиционираше на патот кој води до исполнување на нашиот стратешки приоритет.
- Со тоа дадовме сигнал за решителноста Северна Македонија да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ, што е потенцирано и во Извештајот дека „Земјата ги продолжи своите напори за подобрување на демократијата и владеењето на правото, и покрај одредени предизвици“, истакна Маричиќ, додавајќи дека Извештајот е објективен и недвосмислено упатува на тоа дека имаме одржливи реформи, со нотиран јасен напредок и постигнувања во истите.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ зборуваше и за конкретни области каде треба уште многу да се направи и се зголемат напорите за испорачување повеќе резултати.
- Процентите покажуваат дека е задржано темпото на напредок или има подобрување во 23 од вкупно 43 области, но во останатите 20 области има ограничен или помал напредок. Од аспект на подготвеноста во околу 90% од областите имаме делумна или добра подготвеност, наведе Маричиќ и цитираше наоди и препораки од Извештајот на Европската комисија за 2022 година.
Во своето воведно излагање ги наведе позитивните и негативните забелешки за областите посебно, задржувајќи се на најобемниот Кластер 1, „Фундаментални вредности“ со укажување на она што треба во следниот период да се направи во областа на правосудството и владеење на правото, борбата против корупцијата, медиуми и економските критериуми.
Маричиќ најави дека веќе со поддршка на домашни, но и меѓународни експерти, започнале со подготовка на методолошкиот пристап на реформските документи-Патоказите и увери дека во најбрз можен рок ќе бидат подготвени методолошката рамка за создавање на реформски план во трите области отсега, па се до нашето членство во ЕУ.
- Реформите и нивната динамика, зависат од сите нас. И дали ќе ги носиме законите за три месеци или за година и три месеци исто така ќе зависи од нас. Дали ќе ги транспонираме и ќе ги спроведуваме за три месеци или година и три месеци, исто така, зависи од нас, рече Маричиќ.
Вицепремиерот на крајот упати апел до пратениците усвојувањето на законите од европската агенда да се спроведува непречено согласно деловните процедури, изразувајќи уверување дека Собранието ќе ја прифати критиката од Европската комисија и ќе „биде форум за конструктивен политички дијалог, особено кога станува збор за ЕУ реформската агенда и заедно со Владата да работи на планирање на законодавната агенда, со приоритет на уставните измени“.