Новости
понеделник, 06 март 2023 04:21
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со Лорд Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, на која разговараа за динамиката на евроинтегративниот процес, развојот на политичките настани во Северна Македонија и за состојбите во регионот.
Соговорниците на средбата констатираа дека континуитетот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е клучен и за стабилноста на целиот регион.
- Северна Македонија има можност брзо да напредува во процесот на преговори со ЕУ. Во овој момент од уставните измени ќе зависи не само европската иднина и позиционирањето на државата во односите со ЕУ, туку и мирот и безбедноста на целиот регион, се дел од пораките на средбата на вицепремиерот Маричиќ со Пич, информираат од Секретаријатот за европски прашања.
Лорд Стјуарт Пич, придружуван од амбасадорот Метју Лосон, на средбата ја потврди безусловната поддршка која Северна Македонија ја има од Обединетото Кралство на европскиот пат и во спроведувањето на реформите.
Во контекст на регионалната стабилност и напредокот на Западен Балкан кон ЕУ, соговорниците разговараа и за средбата на највисоко ниво меѓу претставниците на Белград и Приштина, во Охрид, поздравувајќи го дијалогот, што според нив е од голема геостратешка важност која бара конструктивен ангажман на двете страни.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ Маричиќ на средбата посочи дека Северна Македонија има демократски капацитет, е одговорна и сериозна држава за членство во ЕУ, која и понатаму ќе биде посветена на регионалните инцијативи, како и на зачувување на мирот, стабилноста и просперитет на регионот, бидејќи како што укажал Маричиќ, „тоа е во наш интерес и во интерес на Европа“.
На средбата, на која присуствуваше и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили, беше потврдена целосната подготвеност за унапредување на соработката и континуирана комуникација за надминување на предизвиците.