Новости
недела, 19 февруари 2023 08:54
Денеска во рамки на рамки на Минхенската конференција за безбедност, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ заедно со премиерот Ковачевски се сретнаа со претседателот на Фондацијата Отворено општество Џорџ Сорос и заменик претседателот, Александар Сорос.
„Поддржуваме идеи и иницијативи кои водат кон стабилност и развој на демократското општество“, напиша после средбата вицепремиерот Маричиќ на својот Фејсбук профил.
На состанокот било разговарано за евроинтеграцискиот процес, регионалната соработка, реформите и за можностите за унапредување на соработката во областите кои ќе бидат приоритетни за Северна Македонија во оваа фаза од пристапните преговори и кои ќе го забрзаат процесот, како владеењето на правото и функционирањето на демократските институции.
Интегрален текст од објавата на вицепремиерот Маричиќ:
„На средбата со основачот на Фондацијата Отворено општество, Џорџ Сорос и заменик-претседателот Александар Сорос, се согласивме дека промоцијата на демократските вредности и регионалната соработка се импулс за економски развој, поголема мобилност и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Поддршката која во континуитет ја имаме од Фондацијата во реформите, преку проекти во различни области и пренесување на добри практики, значи побрз пристап кон европската интеграција.
Благодарни сме за досегашната помош и како Влада сме отворени за унапредување на соработката со нашите пријатели од Отворено општество, особено во областите кои за нас во моментов се клучни за преговорите со ЕУ, а тоа се владеењето на правото и функционирањето на демократските институции“, пишува во објавата на Маричиќ.