.
НПАА
Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА) е сеопфатен долгорочен документ кој ја дефинира динамиката на усвојувањето на правото на ЕУ, стратегиските насоки, политиките, реформите, структурите, ресурсите и роковите што треба да се реализираат со цел Република Македонија да ги исполни условите за членство во Европската унија.
Националната програма за усвојување на правото на Европската унија:
НПАА ја следи структурата на копенхашките и на мадридските критериуми, односно ги опфаќа: политичките критериуми, економските критериуми, способноста да се преземат обврските од членството, административниот капацитет, подготовката на Националната верзија на правото на ЕУ и информирањето и комуникацијата со јавноста.
НПАА, исто така претставува значаен извор на информации за деловниот и економскиот сектор во планирањето на идните активности и овозможува јавноста да го осознае и следи процесот на интеграција на Република Македонија во Евроспката унија. Затоа НПАА е значаен инструмент за транспарентноста на работата на Владата на Република Македонија.
НПАА е резултат на заемната соработка на сите надлежни институции во Република Македонија во процес координиран од Секретаријатот за европски прашања и истата ќе послужи за формулирањето на преговарачките позиции на Република Македонија по започнувањето на преговорите за членство во Европската унија. Оваа програма, за првпат усвоена во 2006 година, се ревидира и ажурира годишно со активности кои произлегуваат од редовните извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, како и од краткорочните и среднорочните приоритети од Партнерството за пристапување.