Преговарачки поглавја
Сите земји членки се дел од Царинската унија на ЕУ и применуваат исти царински правила и постапки. Ова подразбира целосна законска усогласеност, соодветна имплементација и капацитет за спроведување, како и пристап до заедничките компјутеризирани царински системи.
Политиките во Поглавјето 3.29 Царинска унија претставуваат основа на Европската Уунија и основен елемент во функционирањето на единствениот пазар. Единствениот пазар може правилно да функционира само ако постои заедничка/идентична примена на заеднички правила на надворешните граници. Тоа значи дека сите царински администрации на ЕУ треба да дејствуваат/функционираат како да се една. Овие заеднички правила дури и го надминуваат концептот на царинската унија (со нејзината заедничка тарифа) и се прошируваат на сите аспекти на трговската политика, контролите поврзани со здравјето и животната средина, заедничката земјоделска политика, како и заштитата на економскиот интерес на ЕУ преку нетарифни инструменти, мерки поврзани со политиката на надворешни односи, итн. Денеска, царината се соочува со нови предизвици: да се обезбеди непречен трговски проток со примена на неопходни контроли од една страна, но и да се гарантира заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните на Унијата. За да се обезбеди баланс помеѓу овие барања, царинските постапки и контролните методи, мора да бидат модернизирани и да се зајакне соработката меѓу различните царински служби. Исто така, многу важен сегмент се и царинските ИТ системи, па во насока на подобрување на интероперабилноста помеѓу царинските системи на земјите членки, Советот и Европскиот парламент донесоа одлука за „бесхартиена околина за царина и трговија".