Преговарачки поглавја
Поглавјето 3.27 Животна средина и климатски промени е збир на политики кои се насочени кон заштита на животната средина од разни антропогени негативни влијанија, како и намалување на ризиците кон климатските промени, здравјето на човекот и биодиверзитетот. Поглавјето по својата природа е хоризонтално и има значајна улога во обликувањето и спроведувањето на политиките за енергетика и транспорт. Тоа ги опфаќа следните области: хоризонтално законодавство, квалитет на воздух, управување со отпад, квалитет на водата, заштита на природата, контрола на индустриско загадување, бучава, шумарство, хемикалии, климатски промени и цивилна заштита.
Во фокусот на ЕУ политиките за животна средина е Европскиот зелен договор кој има за цел воведување на климатски неутрална економија на територијата на ЕУ до 2050 година, преку развивање на чисти извори на енергија и зелени технологии, притоа почитувајќи ги принципите на оддржлив развој. За остварување на амбициозните политички заложби на ЕУ, подготвена е предлог Регулатива за климатска неутралност и акциски план за остварување на целите, користејќи соодветен финансиски механизам за Праведна транзиција. Во акцискиот план на ЕУ вклучена е и Зелената агенда за Западен Балкан, која ќе се развива и промовира во наредниот преиод во сите земји од регионот, а со тоа ќе биде неминовно прилагодувањето на националните политики со политиките и динамиката на ЕУ во оваа област.