Преговарачки поглавја
Правилата во Поглавјето 3.16 Оданочување на ЕУ ги вклучуваат данокот на додадена вредност, акцизите и одредени аспекти од корпоративното оданочување. Тие исто така ја уредуваат и соработката помеѓу даночните администрации, вклучително и размена на информации за спречување на даночната евазија. Политиката на ЕУ е фокусирана на две компоненти: а. директно оданочување, што е во најголем дел во надлежност на земјите членки и б. индиректно оданочување, кое има влијание врз слободното движење на стоки и слободата на давање услуги, па оттука и е предмет на усогласување на ниво на ЕУ (но одлуките по однос на даноците секогаш се носат едногласно). Во однос на директното оданочување, земјите членки преземаат мерки за да се спречи избегнување на данок и двојно оданочување. Даночната политика има за цел да обезбеди да не биде нарушена конкуренцијата помеѓу земјите членки на единствениот пазар поради разлики во даночни стапки и системи во индиректните даноци (ДДВ и акциза). Усвоени се и мерки за спречување на негативните ефекти од даночната конкуренција, доколку компаниите трансферираат пари од една во друга земја членка.